Милошоски: Македонија трпи голема штета со однесување на СДСМ

Политичките пораки до граѓаните на Виница е дека ВМРО-ДПМНЕ се залага и ќе остане на концептот на стабилна Македонија, стабилни институции и ќе го инвестираме цел наш политички и изборен легитимен капитал за да ја одржиме функционалноста на државата и ефикасноста на сите институции.

Ова пред почетокот на трибината во Виница за време на неговото гостување во вестите на Сител телевизија го истакна, пратеникот Антонио Милошоски.

-Тоа значи дека ќе продолжиме да работиме на конкретни проекти за конкретни и реални потреби коишто ги имаат граѓаните, посебно кога станува збор за Виница најавивме три нови проекти и тоа изградба на 39 социјални станови во Виница, што сметаме дека е потребно на граѓаните, втората работа е една нова инвестиција RNS којашто ќе има 30 до 50 нови вработувања и еден регионален проект којшто е 10 милиони евра а тоа е изградба на патот Кочани-Македонска Каменица-Делчево од којшто цел регион има потреба, истакна Милошоски пред почетокот на трибината во Виница.

Тој додаде дека за овој регион се предвидени и други проекти кои ќе бидат најавени во идниот период.

-Разликата помеѓу нас и СДСМ и во овој период и во изминатите неколку години е очигледна, тиe во изминатиот период имаа 19 деструктивни настапи со таканаречени бомби, ние во изминатиот период имаме конструктивни настапи со 30,40 или 50 нови потребни проекти, потенцираше тој.

ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласи Милошоски, е отворена за политички дијалог и во Република Македонија и во Европскиот парламент.

-Ние веќе имавме една средба на која нашите претставници изнесоа одредени конкретни предлози како и на кој начин би можеле да ја зголемиме довербата и политичката комуникација во Р.Македонија. Би било уште подобро ако пратениците од СДСМ одлучат да ја преземат нивната одговорност дадена до граѓаните и се вратат во Собранието на РМ. Ние не се плашиме од интерпелации, од критика од политичка алтернатива, но сето тоа треба да се случува изборниот храм, во домот на граѓаните а тоа е македонското собрание, додаде Милошоски.

Според него Македонија трпи голема штета со самото однесување на СДСМ, но нагласи дека тие сепак се свесни што прават и треба да превземат дел од одговорноста.

Тој вели дека со ваквото однесување на опозицијата тој што мислел дека ќе ги разедини само им помогнал да бидат пообединети.

-Тие што мислеа дека ќе предизвикаат малодушност или замор кај нас, предизвикаа уште повеќе енергија и уште поголем мотив за работа и остварување на проектите од нашата програма. На крајот на краиштата она што ВМРО-ДПМНЕ секогаш го истакнувало е дека ние сме во постојан и секојдневен допир и во комуникација со граѓаните на Р.Македонија. Тоа ќе продолжиме да го правиме и тука во Виница и во сите останати општини,  заклучи Милошоски.