Милошоски на состанок на Ад-хок работната група на Парламентарното собрание

Потпретседателот на Собранието и член на Делегацијата во Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, Антонио Милошоски, денеска ќе учествува на состанок на Ад-хок работната група на Парламентарното собрание, кој во рамките на албанското претседателство, се одржува во Тирана, Албанија.

На состанокот, како што соопшти Собранието, ќе учествуваат членовите на Работната група, пратеници од парламентите на Албанија, Бугарија, Грција, Романија, Словенија, Србија, Турција и Хрватска.

Работната група ќе расправа за прашањата поврзани со процесот на институционализацијата, како што се секретаријатот, буџетот и Деловникот на Парламентарното собрание.

Значаен исчекор кон создавањето на основните услови за формирање на Парламентарното собрание на Процесот, беше постигнат за време на македонското претседателство со ПСЈИЕ, на Конференцијата на претседатели на парламенти, одржана на 27 и 28 мај 2013 година, во Охрид.

Според програмата, предвидено е Милошоски, да оствари средба и со претседателот на Албанскиот парламент, Илир Мета.