Милошоски: Најважната снимка за Македонија и наметнатиот спор од Грција е јавна и веќе позната (видео)

Во врска со денешните селективни и монтирани снимки за спорот за името со Грција, кои брат му на Виц’то нелегално ги поседува и злонамерно ги објавува, можам да изјавам само едно. Зоран Заев воопшто немал потреба да се мачи, во соработка со странски служби и домашни шпиуни, на незаконски начин да стигне до монтирани снимки за името, бидејќи најважната снимка за Македонија и наметнатиот спор од Грција е јавна и веќе позната на домашната и меѓународната публика.

Ова го напиша пратеникот и поранешен министер за надворешни работи Антонио Милошоски на Фејсбук.

-Таа снимка трае 25 минути и се надевам дека Заев ќе најде време да ја гледа, напиша Милошоски, додавајќи ја снимката.

-Тоа е снимката од судскиот спор пред Меѓународниот Суд на Правдата во Хаг, во кој имав чест и дожност да ги застапувам интересите на мојата држава, Република Македонија. Таа снимка кратко и јасно ги претставува аргументите на Република Македонија во спорот со Грција, ставот на премиерот и Владата, и мојот став за грчко-македонскиот спор како министер за надворешни работи. Манипулациите во политиката се многу, но вистината за грчко-македонскиот судски спор е една, а тоа е дека Македонија за прв пат во Хаг, со едногласна пресуда од сите судии, ја извојува својата прва меѓународно-правна победа против дводецениските малтретирања од страна Грција. Монтираната снимка на Заев за спорот за името ќе остане запишана со темни букви во утрешните весници, но снимката од спорот во Хаг ќе остане запишана со светли букви во македонската историја, додава Милошоски.