Милошоски: Позицијата на Македонија во Брисел е сложена, СДСМ не мора да создава дополнителна штета

Потпретседателот на Собранието на РМ, Антонио Милошоски, во интервју за МРТ вели дека бојкотот на СДСМ на Парламентот и прави штета на Македонија на меѓународно ниво.

На СДСМ е да одлучи како смета дека е најдобро за нивната партија, но она што јас сметам дека ние имаме една заедничка држава и најдобро е да не и правиме дополнителна штета, на нашиот углед на внатрешно и на меѓународно ниво, вели Милошоски.

-Бојкотот на СДСМ и нивното однесување, на дел од раководството, прави голема штета на меѓународно ниво, ја отежнува работата на нашиот Министер за надворешни работи, ги отежнува позициите на премиерот, на претседателот, на сите оние кои се занимаваат со надворешна политика, а ја олеснува позицијата на еден сосед- членка на ЕУ, која се одбива да го дискредитира политичкиот капацитет на Република Македонија, нагласува потпретседателот на Собранието.

Прашан за тоа што следно може да се очекува на политичката сцена, Милошоски вели дека има политичка волја да се даде можност на политичкиот дијалог, доколку СДСМ е расположен да ја искористи таа волја за доброто на Република Македонија.

Според Милошоски, претседателот на СДСМ Заев и потпретседателката Шеќеринска, знаат дека позицијата на Република Македонија во Брисел е сложена, отежната со блокадата од страна на официјална Атина, и додава дека не знае дали тие се свесни за последиците кои ќе ги има државата од нивните постапки.

И меѓународната заедница им препорачува на СДСМ дека ваквото однесување е незрело и дека не е прифатливо, но на нив е да одлучат како ќе постапуваат понатаму, додава Милошоски.

Прашан за пратeничките прашања, кои за прв пат во овој состав на владата се на дневен ред во собранието, Милошоски вели:

„Пратеничките прашања не ги гледаме како натпревар со опозицијата, присутна или отсутна, не ги гледаме како можност за додворување на една или на друга институција- секој пратеник има своја област на делување, затоа пратеничките прашања ги гледаме како директни, но многу конкретни и полезни прашања, кои ќе го подигнат нивото на внимание од страна на Владата и другите институции кон одредени места кои се помали и им треба поддршката од пратениците за да го добијат она што го заслужуваат.“

Името и понатаму останува клучен услов за Македонија да биде дел од Европската унија. Во однос на ова прашање, Милошоски вели дека има сигнали од медијаторот Нимиц дека во скоро време може да ги повика претставниците на Македонија и Грција на редовни консултации во врска со спорот кој што е наметнат од страна на официјална Атина.

-Ние сме расположени во секое време да го дадеме нашиот придонес во овој грчко- македонски дијалог, но она што го забележуваме од грчка страна е повторно една стара тактика- грчките претставници кога ќе забележат дека позицијата на Македонија се подобрува во некои сегмент, тогаш лиферуваат некои информации кои очекуваат дека преку медиумите и тука ќе се прелеат. За жал и тука има некои уредници кои наседнуваат на таквата игра, а целта е да се произведе реакција од македонска страна, од некое официјално лице, и да се настапи остро и бескомпромисно, вели Милшоски.