Милошоски со сонцето од Кутлеш пак ги изнервира Грците

Со навредлива и дрска реторика, од грчкото МНР реагираат поради како што велат, новите фотографии на потпретседателот на македонското Собрание, Антонио Милошоски со знаме со сонцето од Кутлеш (Вергина).

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, портпаролот на министерството Константинос Кутрас во одговор на новинарско прашање, го обвини Милошоски дека бил во заблуда.

“Дејствијата на г-динот Милошоски се карактеристичен пример за тоа колку далеку некој може да оди за “15 минути слава”. Да го оставиме со неговата заблуда”, се вели во реакцијата на Кутрас.

За грчките медиуми пак, ова претставувало нова провокација на Милошоски.

“Во рамките на вообичаената тактика, тој е фотографиран како го држи провокативното црвено знаме, со што уште еднаш ја крши Времената спогодба меѓу Атина и Скопје од 95 та, според која што соседите се обврзани да претстанат со корстењето на античкиот симбол”, пишува весникот “Прототема”.

antonio

Во истиот текст, Милошоски се опишува како еден од главните претставници на наводната националистичка доктрина на премиерот Никола Груевски, според која што нашето потекло се поврзува со Александар Македонски.

Ова не е прв пат екс министерот за надворешни работи да им создава “главоболки” на Грците поради фотографиите со македонско знаме со сонцето од Кутлеш. Во септември мината година во грчката јавност имаше вистинска бура од реакции поради фотографиите на кои што Милошоски на врвот на планината Олимп го развиори истото знаме.

Знамето со сонцето од Кутлеш беше сменето од страна на владата на СДСМ. Тоа беше државно знаме на Македонија се до 5 октомври 1995 та година, кога македонското Собрание односно пратениците на СДСМ и на Либералната и Социјалистичката партија, како и претставниците на Албанците, со 110 гласови за и само еден воздржан, изгласаа негово менување. Гласањето се спроведе во отсуство на тогашната опозиција на ВМРО-ДМПНЕ и само два дена по атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров, во период кога македонската јавност беше апсолутно окупирана со овој инцидент.