Милошоски: Средбите со австралиски пратеници одлична можност да ги претставиме нашите позиции

Македонска парламентарна делегација составена од пратениците Антонио Милошоски и Милорад Додевски оствари работна посета на Австралија, по покана на Сенаторот Еглстон, претседател на комисијата за надворешна политика.

За време на посетата се остварија средби со повеќе австралиски пратеници, на кои што се дискутираше за понатамошно унапредување на австралиско- македонските односи.

Работниот престој во Австралија беше искористен за повеќе средби со претставници на македонски организации од Мелбурн, Канбера и Сиднеј, како и со стопанственици кои се заинтересирани да инвестираат во Република Македонија.

„Средбите во австралискиот парламент беа многу добра можност за зацврстување на односите со група австралиски парламентарци кои се големи пријатели на Македонија и македонската заедница во Австралија. Особено беше корисно тоа што имавме можност да ги претставиме позициите на Македонија, со акцент на прашањето за името”, рече Милошоски.

„Ме радува што со секоја посета се унапредува македонско-австралиската билатерална соработка, а особено ни се важни пријателствата со Парламентот на Австралија. Задоволен сум што посетата ја искористивме и за значајни средби со македонската заедница во Мелбурн, Сиднеј и Канбера, кои се и најдобрите амбасадори на Македонија во Австралија. Македонските иселеници посебно се интересираат за поедноставување на процедурите за добивање на македонски пасош и за поедноставување на процесот за гласање на претседателските избори, следната година“, рече Додовски.