Милошоски: Јавноста мора да знае кој стои зад аферата со фалсификувани лични карти

Јавноста мора да знае кој стои зад аферата со фалсификувани лични карти. Доколку некој фабрикувал лични карти, треба да сноси законска одговорност за тоа. Доколку некој ја фабрикувал самата афера исто така треба да сноси одговорност за тоа, ова меѓу другото го изјави членот на извршниот Комитет на ВМРО – ДПМНЕ Антониот Милошоски на денешната прес конференција.

Интегрален текст од изјавата на Милошоски:

Измина точно една недела откако неделникот Фокус, близок до СДСМ, ја отвори аферата за фалсификувани 30.000 лични карти. Излезе и вториот број на овој неделник, а технички назначениот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски го снема.

Каде е и од што бега Оливер Спасовски е нашето прашање денес? Дали техничкиот министер Спасовски се обидува да прикрие нешто со оваа афера или да прикрие некого во оваа афера или да ја прикрие својата неспособност да ја извршува оваа одговорна функција?

Нашето прашање денес, господине Оливер Спасовски мислиме дека  заслужуваат одговор, а тоа е дека Република Македонија не смее да биде ничиј заложник посебно пред овие избори. Граѓаните заслужуваат избори без ниту една дамка на кои мора да победи народната воља. Не смее да се оставите ниту најмал простор за сомнеж и причина некој повторно да ја оспорува одлуката што ќе ја донесе народот во Република Македонија.

Затоа ВМРО ДПМНЕ бара од Вас како технички министер за внатрешни работи после цела недела, да не се криете, да излезете и да и кажете на јавноста кој ги фалсификувал 30.000 лични карти? Дали се фалсификувани? Како и каде се фалсификувани? Кој и на кого му помагал? Каде се употребени овие наводно фалсификувани лични карти? Каде е остатокот од 29.900 лични карти кои што неделникот Фокус сеуште не ги предал не ги предаде на МВР?

Господине Спасовски, веќе нема бегање од одговорноста. Од страна на СДСМ Вие бевте предложен и потоа избран за технички Министер за внатрешни работи. Вие ги имате сите овластувања и сите ресурси во најкус можен рок да ги изведете виновниците пред лицето на правдата.

Веќе нема простор за одолговлекување и политички маневри, иако сеуште сте генерален секретар на СДСМ вие не смеете да се однесувате само како партиски војник на СДСМ туку мора да покажете капацитет дека знете да го водите МВР.

Не може да ја манипулирате јавноста дека МВР порано имало капацитети да открие цела мрежа на лица осомничени за учество во терористичките акции на ИСИЛ, а сега нема капацитет да реши една вака очигледна афера која што ја откри неделник близок до вашата партија. Не може да ја манипулирате јавноста дека МВР можело да ја реализира акцијата „Ќелија“, која беше многу сложена, а сега не може да документира случај на фалсификувани лични карти. Неделникот Фокус кој што е близок на СДСМ ви го даде случајот на тацна. Ваше е како технички министер за внатрешни работи да го документирате.

Јавноста мора да знае кој стои зад оваа афера. Доколку некој фабрикувал лични карти, треба да сноси законска одговорност за тоа. Доколку некој ја фабрикувал самата афера исто така треба да сноси одговорност за тоа.

Господине Спасовски Вие сега не сте одговорен само пред членовите и симпатизерите на СДСМ, туку сте одговорен пред Собранието на Република Македонија и пред целата држава. Затоа не смее да дозволите некој да си поигрува со угледот на Министерството кое што го водите и со угледот на целата држава. Само на тој начин ќе докажете дека не сте дел од уште едно смислено сценарио на СДСМ за наоѓање на изговори и избегнување на одговорноста од новиот пораз.

До изборите и до уште една победа на вољата на народот остануваат уште 148 дена и Вие како технички министер за внатрешни работи немате право да молчите и да ја одолговлекувате оваа афера.

Апелираме да се зафатите со решавање на оваа афера и да ги дадете одговорите на јавноста која има право да ги знае.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.