Милошоски: Фалсификуваните лични карти биле употребени само за СДСМ да продуцира нова афера

Овие фабрикувани и фалсификувани лични карти биле употребени само за едно нешто: Тоа е СДСМ да продуцира нова афера, да се фрли дамка на изборите, да се создаде основа за барање на нови избори, да се создадат алиби и оправданија на СДСМ за десетиот по ред изборен пораз кој ги очекува во април следната година. Ова го изјави на денешната прес – конференција Антонио Милошоски, член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Интегрален текст од изјавата на Милошоски:

Јавноста деновиве преку медиумите слушна дека претходните избори биле кристално чисти.

Фалсификуваните лични карти кои во форма на афера ги спакува неделникот Фокус близок до СДСМ, а ги промовираше Оливер Спасовски како технички министер за внатрешни работи, воопшто не биле употребувани од никого за гласање.

Всушност, не биле употребувани овие т.н фалсификувани лични карти за ништо друго. Ниту за влез или излез од земјава, ниту во било кој друг правен промет на некој граѓанин.

Биле употребени овие фабрикувани и фалсификувани лични карти само за едно нешто: Тоа е СДСМ да продуцира нова афера, да се фрли дамка на изборите, да се создаде основа за барање на нови избори, да се создадат алиби и оправданија на СДСМ за десетиот по ред изборен пораз кој ги очекува во април следната година.

Јавноста ги слушна овие факти преку медиумите, но за жал, не ги слушна преку техничкиот Министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Г-не Спасовски, ако мислевте да сокриете и да одмолчите, вистината нема да се сокрие и да одмолчи.

Ако Господинот Спасовски мислеше дека вистината нема да допре до граѓаните и до јавноста, и дека ќе остане да виси сомнежот од аферата дека фалсификуваните лични карти коишто ги објави неделникот Фокус можеби биле употребувани на изборите, сепак, фактите се позначајни од манипулациите.

Оливер Спасовски мислеше дека ако остане сомнежот, тогаш граѓаните нема да сфатат дека можеби единствената цел на оваа афера била токму да се нарушува угледот на институциите и на државата Република Македонија, се со цел да се покрие изборниот неуспех во минатото и во иднина на СДСМ.

Г-не Оливер Спасовски, не е достојно повеќе да се криете од јавноста. На јавноста и должите одговор: Кој стои зад аферата фабрикувани лични карти?! И кој ја пласира оваа афера, со оглед на тоа што се работи за медиум близок на Вашата партија? Кој нарачал да се изработат овие фалсификувани лични карти? Кој одлучил тие да бидат предадени токму на неделникот Фокус, близок до СДСМ? И кој одлучил дека е добро, и Фокус и Вие како технички Министер да отпочнете медиумска кампања без да имате било каква потврда за сомнениата дека фалсификуваните лични карти биле употребени или злоупотребени од некого за гласање?

Г-не Оливер Спасовски, дали сфаќате дека Вие и неделникот Фокус усогласено ги обвинувате и понижувате вработените во МВР каде што сте технички Министер?

Вие, Г-не Спасовски и неделникот близок до СДСМ координирано ги обвинувате и понижувате Вашите членови и сите други членови на избирачките одбори дека не гледале кој со каква лична карта гласал на претходните избори.

Ова е недостојно однесување.

И затоа, Г-не Спасовски, престанете да се криете бидејќи им должите извинување и на вработените во МВР, и на целокупната јавност. Им должите извинување и на членовите на избирачките одбори дека не знаеле и не гледале кој како гласал. И на крајот, им должите извинување и на Македонските граѓани коишто координирано со неделникот Фокус ги обвинивте и ги пониживте дека не знаеле за кого гласаат на претходните избори.

Г-не Спасовски, иако сте технички Министер за внатрешни работи, сега не сте само генерален секретар на СДСМ и затоа од вас се очекува одговорните за оваа фабрикувана афера за фабрикувани лични карти да ги изведете пред надлежните судови. Без разлика за кого се работи бидејќи сите во оваа држава мора да бидат еднакви пред законот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.