Милошоски: Главното прашање денес е што сака да сокрие Зоран Заев во предлог програмата на новата Влада?

Главното прашање денес е што сака да сокрие Зоран Заев во предлог програмата на новата Влада и во предлог листата за кандидати на истата? Ова е суштинското прашање што се поставува откако е обелоденет шверцерскиот обид на СДС да се даде само еден ден, прв пат во историјата на Македонија за анализа и разгледување на предлог програмата и на листата на кандидати за новата Влада, истакна на денешната прес-конференција Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Антонио Милошоски

Начинот на кој Заев се обидува да го скрати времето за анализа на програмата што ја нуди и нејзиниот кадровски состав на идната Влада е краен недемократски чин. СДС збореше за демократија и за јавна дебата, а на пратениците, на стручната јавност и на граѓаните им го ускратува правото на потребно време за анализа и дебата на главните проектни и главните кадровски политики на новата влада. На пратениците кои што не се дел од собраниското мнозинство не им се остава ниту минимум време за квалитетна подготовка на дискусија за или против новиот состав и новата програма на новата Влада.

Затоа со овој чин во вода паѓаат најавите за транспарентност и отчетност на СДС и коалиционите партнери од новото собраниско мнозинство.

СДС одлучи да го понижи и да го деградира Собранието и само како лицемерие денес можеме да ги слушнеме претходните лажни ветувања на СДС дека Собранието го гледаат како коректив на власта која што треба да биде конструктивен критичар на нејзиното однесување.

Од првиот ден СДС покажува недемократски тендеции.

Изминативе 16 години, во Република Македонија установена е една демократска пракса која што почнува од 2002 година кога мандатар беше Бранко Црвенковски па се до деновите кога мандатар беше Никола Груевски.

Владите и мандатарите и во 2002 и во 2006-та, и во 2008-ма, 2011-та и 2014-та година секогаш давале минимум 12 дена простор и време за јавна дебата за разгледување и анализа на владините програми и предложените кандидати за министри. И секогаш не само парламентарната опозиција туку и јавноста, стручната фела, новинарите и граѓаните ова време го користеле за градење на своите аргументи, за или против за предложените проекти или предложениот состав на новите влади.

За жал гледаме дека СДС се откажува од оваа демократска традиција и со тоа покажува дека нема демократски капацитет на првиот тест за СДС за отчетно и транспарентно работење.

Заев изгледа дека има многу што да сокрие во новата програма или има многу што да сокрие во персоналниот состав или биографиите на кандидатите за министри во новата Влада, штом нема демократски капацитет на јавноста да и даде повеќе од само еден ден за анализа на новата предлог програма и кандидатите за министри пред изборот на новата Влада.

Да се закаже седница за само еден ден, во најмала рака е срамен и недемократски чин кон јавноста и кон Собранието. Тоа покажува дека Зоран Заев се плаши од подетални анализи на нивниот леток којшто го нарекува програма. Но, се плаши и од подетални анализи кои што ќе покажат каков е кадровскиот потенцијал на новите предложени министри за Владата којшто тој ја нарекува реформска. ВМРО-ДПМНЕ смета дека мора да се остави повеќе време за пратениците и јавноста да добијат подобар увид во составот на владата, плановите за работа на идната Влада и главните проекти.

Кратко и јасно, тоа што сака Заев да го сокрие е дека неговата влада е антиреформска. Прв пат имаме еден ден време за анализа на владината програма, прв пат ќе имаме аболициран политичар како мандатар и за прв пат ќе имаме премиер против кого се водат две крупни обвинителски афери, едната „Поткуп“ другата „Цареви кули“.

Доволно е само да се види предложената листа на нивните кандидати за да се открие првата голема лага на Социјал Демократскиот Сојуз. Во октомври 2015-та година, Шекеринска јавно говореше и превзеде обврска дека бројот на министри во владата на СДС нема да надмине повеќе од 20, а веќе утре имаме предлог за нова Влада кој што брои 26 министри.

Толку држат ветувањата на СДС, толку од реформите на оваа антиреформска влада која што за жал не е подготвена ни за подолг период критика од еден ден дадено време за анализа на проектите и кадровскиот состав

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.