Милошоски: Груби ги спаси пратениците на СДСМ од поединечно изјаснување за Законот за јазици

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски на Комисијата за европски прашања побара поединечно гласање за Законот за јазици од сите членови на комисијата но тоа не беше овозможено од страна на претседателот на комисијата Артан Груби од ДУИ, а Илија Димовски од најголемата пратеничка група во Собранието го обвини Груби дека манипулирал со бројот пратеници кои гласале „за“.

Милошоски нагласи дека поединечното гласање го побарал со цел да види македонската јавност како ќе гласаат пратениците на СДСМ кои се членови на комисијата.

Исто така, поранешниот министер за надворешни работи нагласи дека е спорна бројката од девет гласа „за“ кога евидентно било дека така гласале само седум пратеници.

Претходно Димовски реагираше од собраниската говорница по повод, како што кажа, прекршувањето на Деловникот од страна на претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби кој не дозволи поединечно гласање од страна на членовите на комисијата за Законот за јазиците.

„Носењето на Законот за јазици беше комплетно нарушено од страна на претседателот на комисијата, Артан Груби, заради тоа што пред да се прејде на гласање господинот Милошоски беше пријавен со барање да се овозможи поединечно изјаснување за законот за употреба на јазиците. Попатно сакам да ги информирам граѓаните и вас пратениците коишто не бевте присутни дека такво барање за поединечно гласање пред три дена пред утврдувањето на дневниот ред на комисијата, исто така, господинот Антонио Милошоски беше прифатено и комисијата поединечно се изјасни за дневниот ред. Но, барањето за поединечно гласање за законот не беше прифатено и целото гласање што беше спроведено беше во комплетен хаос без евиденција кој гласа, кој не гласа. Имено, Артан Груби констатираше дека 9 пратеници гласале ЗА, а евидентно беше дека само 7 гласаа ЗА. Дополнително на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не им беше дозволено воопшто дали се ЗА или ПРОТИВ или ВОЗДРЖАНИ“, рече Илија Димовски.