Милошоски: Имаме сериозни забелешки и препораки за договорот со Бугарија, Заев очекува потпишување до 1 август

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата со сериозни забелешки и препораки за договорот со Бугарија, посочи поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, во вторникот на прес-конференција којашто ја одржува по завршувањето на седницата на Комисијата за надворешна политика којашто по барање на претседателот на Владата, Зоран Заев беше затворена за јавноста и откако премиерот вети дека договорот за добрососдство со Бугарија ќе биде „испеглан“ до 1 август кога може да биде потпишан во Црна Гора ред планираното потпишување.

„На таа седница имавме можност да имаме увид во нацрт-договорот којшто според господинот Заев сѐ уште има можности да се подобрува, договорот за добрососедство меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Доколку навистина овој нацрт-договор сѐ уште е отворен за интервенции за подобрување на текстот, сите пратеници присутни од Коалицијата За подобра Македонија дадоа сериозни забелешки и сериозни препораки, каде нацрт-договорт за доборососедство меѓу Република Македонија и Република Бугарија може да се подобри. Нема да истакнувам конкретни членови или детали, но ќе го кажам тоа општо во областите каде што ние ги лоциравме сериозните слабости кои што овој договор ги има“, истакна Милошоски по седницата.

„Прво Декларацијата од 1999 година е необврзувачка и има улога на препорака за соработка и добрососедство. Кога преминуваме во фаза на договор, договорот е правно обврзувачки билатерално и меѓународно и затоа треба да се внимава што треба да се потпишува, бидејќи потпишувањето на еден договор значи не само успех во моментот на потпишувањето, туку и последица по година, пет или по петнаесет години од неговото потпишување. Прво нашата главна забелешка и препорака беше, дали македонскиот народ како конститутитвен народ во Република Македонија ќе биде споменат или нема да биде споменат во договорт за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија, ние сметаме ако е договор за добрососедство и договор на добра волја, прјателство и соработка не би требало за ниеден политичар ниту во Софија ниту во Скопје да биде проблем, македонскиот народ да биде споменат во овој договор, изјави Милошоски.

Второ, рече Милошоски, дали македонскиот јазик во овој билатерален договор помеѓу Софија и Скопје ќе биде споменат дека постои само заради постоењето на Устовот на Република Македонија или фразата за употребата на македонскиот јазик ќе биде таква дека македонскиот јазик има своја посебност независно од Уставот на Република Македонија.

„Третата забелешка беше дали Зоран Заев е спремен да потпише билателарен договор кој што содржи најмалку еден член којшто ние сметаме дека не е во согласност со членот 49 од Уставот на Република Македонија кој што ја предвидува уставна обврска на државата да се грижи за Македонците надвор од држвата. Четвртата забелешка се однесуваше на фразата ‘заедничка историја’ каде што пратениците од Коалицијата За подобра Македонија сметаат дека би било многу подобро една поширока фраза каде што ќе бидат истакнати и дел од заедничката и дел посебните истории на Македонија и Бугарија и на македонскиот и на бугарскиот народ. И петтата, последна и суштинска забелешка којашто ја дадовме по однос на овој договор се однесуваше на забележителната асиметрија на правата и обврските на двете договорни страни во договорот“, рече Милошоски.

Се предвидуваат многу повеќе права за Република Бугарија како страна во овој договор, а многу повеќе ограничувања, рестрикции и обврски за Република Македонија како страна во овој договор.

„Затоа цениме дека следниот период Владата треба наместо да брза и да брка датум за потпишување на македонско-бугарскиот договор, треба да брза и да постигнува подобар квалитет на текстот за постигнување на еден заемен договор којшто ќе значи и заемна почит на двата народа и заемно признавање на двете држави, на двете култури и заемна соработка за перспективата на Македонија и Бугарија како соседи. Очекуваме, Министерството за надворешни работи и Владата на република Македонија, овие препораки да ги вгради во нацрт текстот кој што добивме информација од господинот Заев дека не е во конечна верзија односно има можности за подобрување. Доколку овие препораки бидат вградени во дел од текстот и со тоа го унапредат како содржина, а со самото тоа биде и поповолен за Република Македонија ние како пратеници од Коалицијата „За подобра Македонија“ би дале поддршка за договор во кој што ќе се спомене македонскиот народ, ќе се потврди македонскиот јазик , ќе има симетрични обврски и за Македонија и за Бугарија и ќе има јасна дистинкција помеѓу делот на заедничката и делот на посебната историја“, рече Милошоски.

Доколку, овој нацрт договор остане непроменет и го задржи истиот текст кој што го видовме и денеска, додаде Милошоски, тогаш ќе остане кај нас сомнежот дека денешната седница била само ПР момент.

Претходно премиерот Заев по затворената седницата на којашто го образложуваше нацрт-договорот со Бугарија, рече дека „Балканот споделува заедничка историја, Европа споделува заедничка историја, па и светот“.

„Да не гледаме назад кон минатото, да ги затвориме отворените прашања и да продолжиме заедно да се радуваме кон заедничката иднина“, рече Заев и притоа изрази надеж дека договорот би можел да биде потпишан на 1 август, и тоа во Црна Гора, каде Република Македонија ќе биде кодомаќин на самитот на кој ќе присуствува и американскиот потпретседател Мајк Пенс.

Дотогаш Заев очекува да бидат надминати сите дилеми и прашања кои ги загрижуваат политичките чинители во земјава.

„Сè додека не се стави потпис на договорот, сите опции се отворени“, рече Заеви и оцени дека Договорот за добрососедски односи со Бугарија „успешно ја завршил конститутивната фаза“ на денешната Комисија за надворешни работи.

„Тука ги слушнавме сите грижи околу него, но и позитивни ефекти. Нашата желба е да го потпишеме овој договор, но ниту еден поединец не одлучува туку парламентот“, додаде премиерот Заев.

Според негов, двете држави ќе работат заедно за националните интереси и за европската интеграција.

„Можам да потенцирам дека нема дилеми дека станува збор за две држави и за два народа. На овој начин отвораме перспектива за градење добри односи со соседите и стануваме пример за соработка во регионот. Ретки се овие случаи на договор меѓу две држави кои се договараат сами, а притоа да не одлучуваат политички ‘тешкаши’“, рече Заев.

Оцени дека овој договор ќе отвори нова ера на соработка меѓу Македонија и Бугарија во однос на патната инфраструктура, во размена на стоки и услуги.

„Трговската размена со Бугарија сега изнесува 500 до 600 милиони евра,  зошто да не биде една милијарда?, рече Заев.

Додаде дека е договорено и да се работи на изградба на Коридор 8, но и да има нови гранични олеснувања, да се отвори нов премин кај Берово, како и заеднички да се работи на надминување на недобронамерната пропаганда. Двете земји ќе се борат против национализмот и говорот на омраза.

„Бугарија е земја која нѐ поддржува без условување за името и така имаме сериозен партнер во евроинтеграцијата. Ова ќе биде успех на сите претходни влади затоа што процесот е започнат уште во 2009 година. Оттогаш се одржани 10 заеднички комисии меѓу двете држави и сметаме дека е време да ги затвориме сите прашања од минатото. Го повикуваме ВМРО-ДПМНЕ и останатите опозициски партии да дададат поддршка на нови односи кои ќе водат кон политика на пријателство и отварање на нови перспективи. Со потпишувањето на овој договор стануваме држава која решава проблеми, место држава која создаваше проблеми“, потенцираше Заев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.