Милошоски: Опозицијата е во тотална агонија

Членот на извршниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на трибината што вечерва се одржа во Вевчани во рамки на кампањата „На Македонија и треба твојата идеја“ ги охрабри вевчанци да даваат идеи што се битни за нив, за регионот, но и за  државата, а најдобрите ќе бидат ставени во партиската програма за идните парламентарни избори.

Говорејќи пред присутните за претстојните  парламентарни избори што ќе се одржат на 24 април, тој потсети на, како што рече, кризата што ја наметна опозициската СДСМ, за која посочи дека ја раководи гарнитура која, според него, е нестабилна и политички и карактерно.

Институциите, нагласи тој, кои располагаат со избирачкиот список, МВР и ДИК  се под раководство на СДСМ.

-Тие се двете институции, кои ако сакаат и ако имаат било какви податоци дека на Избирачкиот список нешот му недостига можат да го корегираат. Но, не е тоа проблемот, проблемот е што знаат дека ќе ги изгубат изборите. Секое одлагање на изборите само ќе беше изговор да се одлагаат повторно и повторно се до моментот додека не заклучат дека се спремни да победат на изборите, истакна Милошоски.

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски, според Милошоски, во изминатиот период се покажал како зрел државник, кој, подвлече, во прилично тешка состојба на субверзивни методи на дејствување од другиот политички опонент успеал да ја задржи стабилноста на Владата, Собранието, државата, економијата, здравството, странските инвестиции, инвестиции во инфраструктура. –Со тоа покажа големина над сите други политчари кои би сакале да му парираат, а се од спротивната политичка опција, нагласи Милошоски.

Пратеникот и член на ВМРО – ДПМНЕ од Вевчани Крсте Мукоски смета дека со претстојните парламентарни избори ќе се реши, како што рече, агонијата што СДСМ ја наметна пред повеќе од една година.

-Опозицијата во една тотална немоќ, тотална агонија во која се наоѓа наоѓа забелешки кои не се воопшто релевантни и издржани и тоа го прави со цел да избега од избори. Всушност воопшто не сакаат избори, заклучи Мукоски.

Градоначалникот на Вевчани Цветомир Угриноски присутните ги потсети на реализираните проекти и најави дел од поголемите што треба да се реализираат во општината.

Како еден од поголемите проблеми со кои се соочува Вевчани беше нагласено снабдувањето со електрична енергија, односно побараа надградба на системот, бидејќи со секои временски непогоди остануваат без струја. Присутните побараа и реконстукција на старата училишна зграда, за која е изработен проект за пренамена во музеи, конференциска сала.