Милошоски: Продолжуваат преговорите за изборното законодавтсво

Преговорите на работната група за измените во изборното законодавство согласно со договорот од Пржино, продолжуваат попладнево, изјави пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е дел од разговорите.

Мора да се каже дека преговорите се прилично напорни. Има различни позиции по различни прашања  и тоа што ги прави позициите посложени е што одредени стојалишта на одредени политички партии многу често се менуваат, рече Милошоски.

На пример, како што посочи, во текот на вчерашниот ден имало брзо менување на ставот на СДСМ кој се откажал од долгогодишниот став за активна регистрација како еден од нивните предуслови за прочистување на Избирачкиот список.

– Го искористија вчерашното поднесување на Законот за необјавување на прислушувани материјали како одреден изговор  за застој во преговорите, но откако се договоривме тој закон да биде отворен и за дополнително обработување амандмани од страна на опозицијата да се разгледа заеднички, да биде истовремено разгледуван и со одредени закони преземени како обврска од ХЛАД поврзани со тн. свиркачи тогаш се откочи расправата за Изборниот законик, но заглави на првата  точка и најважната за СДСМ, а тоа е прочистувањето на Избирачкиот список. Дали денеска тоа ќе овозможи некоја нова позиција  или дали тоа ќе овозможи напредок во преговорите останува да видиме во текот на денешниот ден, рече Милошоски.

Она, што според него изненадува е честото менување на ставовите на СДСМ и инсистирањето на СДСМ Изборниот законик да биде ткаов каков што тие како партија го замислуваат.

– Веројатно очекуваат начинот на реформирање на Изборниот законик да биде некаква гаранција за тоа дека тие ќе можат да  победат на следните избори, рече Милошоски по средбата со потпретседателката на косовскиот парламент, Дуда Баља.