Милошоски: СДСМ се откажа од активна регистрација на гласачи

Иако неколку години СДСМ тврди дека во избирачкиот список има 150.000 фиктивни гласачи, тие вчера се откажаа од активна регистрација на гласачи за прочистување на избирачкиот список. Ова денес на прес конференција го истакна членот на преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Антонио Милошоски.

Во текот на вчерашниот ден имавме едно брзо менување на ставот на СДСМ кој се откажа од долгогодишното барање за активна регистрација како еден од нивните предуслови за прочистување на Избирачкиот список. Ние знаеме дека таа политичка партија од 2004 година наваму создава одредени политички кризи врз основа на непризнавањето на изборите, тврдејќи дека 150.000 гласачи се фиктивни и дека тоа е грешката во избирачкиот список поради која тие ги губат изборите. Но, вчера во раните утрински часови за само 150 секунди се откажаа од овој став, истовремено не нудејќи некој друг кој што може да биде реален концепт кој што нив би им овозможил да имаат доверба во избирачкиот список според кој што треба да се водат изборите во април следната година, изјави Милошоски.

Како што нагласи Милошоски преговорите на работната група за измените во изборното законодавство согласно со договорот од Пржино, продолжуваат попладнево. Тој додаде дека преговорите се прилично напорни.

Има различни позиции по различни прашања и тоа што ги прави позициите посложени е што одредени стојалишта на одредени политички партии многу често се менуваат. Го искористија вчерашното поднесување на Законот за необјавување на прислушувани материјали како одреден изговор за застој во преговорите, но откако се договоривме тој закон да биде отворен и за дополнително обработување амандмани од страна на опозицијата да се разгледа заеднички, да биде истовремено разгледуван и со одредени закони преземени како обврска од ХЛАД поврзани со тн. свиркачи тогаш се откочи расправата за Изборниот законик, но заглави на првата точка и најважната за СДСМ, а тоа е прочистувањето на Избирачкиот список. Дали денеска тоа ќе овозможи некоја нова позиција или дали тоа ќе овозможи напредок во преговорите останува да видиме во текот на денешниот ден, потенцираше Милошоски.

Она, што според него изненадува е честото менување на ставовите на СДСМ и инсистирањето на СДСМ Изборниот законик да биде таков каков што тие како партија го замислуваат.

Веројатно очекуваат начинот на реформирање на Изборниот законик да биде некаква гаранција за тоа дека тие ќе можат да  победат на следните избори, рече Милошоски по средбата со потпретседателката на косовскиот парламент, Дуда Баља.

Во однос на гласањето на дијаспората Милошоски вели дека е јасно оти СДСМ е против пратеници од дијаспората.

За жал, СДСМ застапува еден нефер став каде што формално кажуваат дека дијаспората би требало да има право на глас, а истовремено бараат гласањето на дијаспората за пратеник да биде условено со цензус од 90 проценти што самите се свесни дека во една Австралија со две избирачки места не може физички да се постигне да гласаат повеќе од две илјади лица како и во кој било две други избирачки места во Република Македонија, вели Милошоски.

ВМРО-ДПМНЕ е единствената партија, посочи тој, што нуди овој концепт со гласање на дијаспората да опстане и да се надгради со отворање на нови избирачки места во текот на изборите за да може еднаквоста на гласот да биде во сразмер со еднаквоста на можноста да се стигне до гласачкото место.

Цениме тоа што дијаспората која годишно има придонес во македонскиот бруто национален производ со отприлика 18,5 проценти е доволен влог за да може да бидат симболично претставени во македонското Собрание, изјави Милошоски.

Ваквата непопустливост, потенцира тој, ќе резултира со прифаќање на предлогот на ДУИ, сега да се суспендира гласањето на дијаспората.