Милошоски: ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се целосно подгтовени за победа локалните избори

Конечно по многу недоумици и сомнежи распишани се и определен е датумот за одржувањето на локалните избори во Република Македонија. Локални избори според она што е потпишано ќе имаме на 15 октомври оваа година а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобр Македонија се потполно подготвени да настапат и да побеат на нив, изјави во неделата на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Претходно во неделата точно напладне парламентарниот спикер Талат Џафери, во согласност со неговите овластувања, го потпиша решението за одржувањето на локалните избори, коишто првично требаше да се одржат на почетокот од оваа пролет.

„ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За подобра Македонија’ е целосно спремна за настап на локалните избори каде што очекуваме со нашата програма и кадровска понуда да освоиме најголем број гласови на локалните избори, најголем број советници во споредба со другите политички партии и најголем број градоначалници споредбено со другите политички коалиции“, порача Милошоски.

„Ние, исто така, очекуваме нашиот тим којшто е создаден од Извршниот комитет секојдневно и навремено да си ја исполни својата задача за подготовка на програмата за настап на изборите на државно ниво и подготовка на сите програми на локално ниво согласно општинските специфики кои што ги работиме заедно со потребите на граѓаните кои што ги среќаваме на терен и заедно со стручни лица од повеќе области коишто се важни за секоја локална самоуправа“, рече Милошоски.

Во крајна линија, додае Милошоски, локалните избори на 15 октомври нема да бидат обични локални избори.

„Многу прашања не добија одговор од актуелната власт на Заев, Ахмети и Села. Прашањето за двојазична Македонија не беше ветено пред изборите, а денес е товар на незадоволството и достоинството на македонските граѓани. За тоа прашање исто така граѓаните ќе можат да го дадат своето мислење на 15 октомври“, рече Милошоски.

Посочи дека тоа е така, затоа што во изминатиот период се случија, македонско–бугарскиот договор, кој во оваа форма е штетен за Република Македонија, неспособноста да се излезе во пресрет на потребата на гасење на пожари и депонии, неспособноста да се исполни ветувањето за 100.000 денари лекарска плата, неспособноста и молчењето да се обезбедат 500 евра за просечна плата како големо изборно ветување и недавањето одговори на прашањето зошто е направена стратегија Македонија да стане земја на бегалци и мигранти за коишто ќе се плаќа од џебот на даночните обврзници, наместо да им се помага на македонските граѓани.

„Сиве овие прашања и дилеми ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните и секој наш државјанин ќе можат да ги одговорат на 15-ти октомври и да го дадат своето мислење затоа што нивната оценка и нивниот глас е поважен од секое нереализирано ветување или од секоја пост изборна измама на господинот Заев“, заклучи Милошоски.