Милошоски: За 40 дена Владата направила 40 непродуктивни вработувања, што ли ќе биде за 140 дена?

Не е чудо што првата порака која што доаѓа од Европската Комисија е да запрете со партизација на администрацијата, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Според него, вработувањето на 40 советници меѓу кои ќерката на Тито Петковски, синот на Самка Ибраимовски, Зоран Верушевски, Марјан Забрчанец кој до вчера изигруваше независен критичар за образование, Бубо Каров – Цацко и многу други, Владата ја чини во моментов 384,000 евра годишен товар за буџетот на Република Македонија.

-40 вработени нови партиски советници од СДСМ, ЛДП, и „независниот сектор на Сорос“, во овој момент му тежат на буџетот со 384 илјади евра годишно. Тоа значи непотребно оптоварување на буџетот. Тие средства можат да му бидат дадени на Универзитетот ‘Св.Кирил и Методиј’ во Скопје. Тие средства наместо да одат за Верушевски, за ќерката на Тито Петковски, за Бубо Каров и Марјан Забрчанец и за партиски активисти од Шарената револуција можеле да му бидат дадени на Универзитетот ‘Св. Климент Охридски’ во Битола. Тие 384 илјади евра годишно можеле да бидат поделени на основите улишта во Кичево, Охрид, Дебрца, Струга и да биде покриен трошокот, вели Милошоски.

Потенцира дека ваквите непродуктивни вработувања со кои се задоволуаат партиски коалициони интереси значат непотребен товар и буџетот на Владата која што најмногу се бунеше за каков било дополнителен трошок.

Според него, ако за 40 дена Владата направила 40 непродуктивни вработувања, што ли ќе биде за 140 дена и со секој поминат ден има нови огласи. Милошоски посочи дека целиот овој период се зборело дека има доволно луѓе во администрацијата кои се стручни, амбициозни, квалификувани и образовани. Ако ги имало тие луѓе тогаш нема да има потреба од 40 вработувања за 40 дена со кои што буџетот ќе се оптовари со речиси 400 илјади евра годишно.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.