Милошоски: Заев е донесен на власт со уцена за да ја „свитка кичмата“ за националните интереси

Човек не мора да е премногу политички искусен за да му е јасно дека господинот Зоран Заев не е поставен за премиер за да ја подобри економијата или да ги зголеми платите во здравството или да даде 10 илјади младинска гаранција на студентите. Тој е поставен затоа што е уценет и преку таа уцена, со неговите зборови кажано, треба да ја ‘свитка кичмата’ во однос по некои национални прашања за коишто ВМРО-ДПМНЕ држеше достоинствен став, потенцираше Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Немаме ништо против компромиси со соседите, но да не бидат само на наша штета. Затоа и за договорот со Бугарија ние ѝ честитаме на владата во Софија како ги застапувала своите интереси, но не можеме да го кажеме тоа за владата на Република Македонија. Гледаме дека во соседна Грција главната анализа на договорот со Бугарија е начинот на којшто тој е склучен, без референдум во краток временски период со отстапки само од македонска страна и верификација од нашата влада. Сметаме дека ако кон еден сосед покажете таква попустливост затоа што сте уценет и ставен на премиерското место само за редефинирање на државата, тогаш логично е и другиот сосед, и Албанија и Косово да го побараат истото од вас. И сега ние очекуваме Грција да притиска и да бара Македонија да биде страната која што ќе ги направи сите отстапки на своја штета, а еднаш се склучува договор и потоа истиот да трае следните 50 или 100 години“, истакна Милошоски.

Додаде и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се залага за застапување на македонските национални и државни интереси.

„Во однос на овие прашања треба да имаме една црвена линија преку којашто без разлика на политичката припадност не треба да преминеме, бидејќи решаваме прашања кои што влијаат и на државата и на сегашните и идните генерации. Треба да бидеме достоинствени како народ да се почитуваме и да имаме едно заедништво во националните интереси и така ќе нѐ почитуваат повеќе и соседите. Ако девизата е да се свитка кичмата за да не сака соседот, тогаш Македонија ќе биде страната која секогаш ќе ја ‘витка кичмата’ и нема да има никаков почит од соседите коишто си имаат свои интереси спроти нашата држава“, рече Милошоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.