Минасијан испратил „шифрирана“ порака на Фејсбук пред масакрот

Алекс Минасијан (25), возачот на комбито кој во понеделникот во Торонто намерно влета во група пешаци и усмрти десетмина, а тешко повреди 13 лица, вчера беше обвинет за убиство и обид за убиство.

Тој вчера беше донесен во судот во Торонто, каде, според медиумите, покажувал малку емоции. Убиецот пред судот пак ќе се појави на 10 мај. Засега е познат идентитетот на три жртви- Ан Мари Д’Амико, вработена во американска инвестициска компанија, како и двајца државјани на Јужна Кореја.

Според полицијата, Минасијан немал досие, но вчера беа обелоденети интересни детали од истрагата.
Имено, Минасијан на Фејсбук напишал „шифрирана порака” непосредно пред почетокот на неговиот крвав пир.

„ Војникот( регрутот) Минасијан од Пешадијата 00010 сака да зборува со наредникот 4chan,ве молам. С23249161. Инцел бунтот веќе започна! Ќе го собориме секој Чад и Стејси! Сите поздрави до врховниот господин, Елиот Роџер“, напишал убиецот неколку минути пред да се залета со комбито во жртвите.

Минасијан во пораката го поздравува Елиот Роџер, 22 годишникот од Калифорнија, кој уби шестмина и рани 14 лица во Исла Виста во 2014 година, по што извршил самоубиство. Терминот Инцел се однесува на сега забранетата група на Редит, која што ја користел Роџер.

Членовите на оваа група, момчиња,  дискутирале за слабиот сексуален живот и за фактот дека се чуствувале непривлечни за жените. Тие  честопати ги обвинувале жените за нивниот проблем. “Чад” и “Стејси” биле имињата со кои ги нарекувале привлечните мажи и жени, а кои се недостапни за членовите на групата- инцелитите, млади мажи кои живеат во ненамерен целибат.

Според информации на канадската полиција, Минасијан завршил училиште за лица со посебни потреби, бил повлечен и несоцијален тип.