Минатата година 280 возачи добиле по 100 негативни бодови во возачките книшки

Вкупно 280 возачи кои во период од три години добиле сто негативни бодови во нивните возачки книшки, се регистрирани во текот на минатата 2014-та година и во првите два месеци од годинава на ниво на целата територија на Република Македонија. Во истиот период на територијата на цела држава се отворени вкупно 48.220 досиеја за возачи кај кои се регистрирани негативни поени во возачките книшки.

Според податоците што Нетпрес ги доби од Секторот за сообраќајни работи при Бирото за јавна безбедност, најголем број вакви досиеја се отворени во секторот Скопје, или 9.065, а вкупно 209 возачи добиле вкупно 100 негативни поени во период од три години. Во секторот Битола се отворени вкупно 8.000 досиеја, а 13 возачи добиле по 100 поени во возачките книшки. По него следува секторот Струмица, каде се отворени вкупно 6.745 досиеја, а само 4 возачи ќе се соочат со последици поради тоа што во нивните возачки книшки веќе добиле по 100 негативни поени.

Во секторот Штип, каде се опфатени повеќе помали општини (Свети Николе, Пробиштип, Берово, Виница, Делчево, Кочани) вкупно се отворени 6.305 досиеја.

Најмалку досиеја се отворени во секторот Тетово, или вкупно 3.779 и во овој сектор нема возачи кои добиле 100 негативни поени.

Според Атанас Беќарски, советник во Секторот за сообраќај при бирото за јавна безбедност самата оваа евиденција треба на некој начин психолошки да влијае во сообраќајот, возачите повторно да не прават прекршоци, а од друга страна пак законодавецот предвидел можност возачите кои направиле сообраќаен прекршок да не плаќаат, да не се трошат, туку им е воведена можност на порамнување.

Во секторот Охрид во истиот период се издадени 5.229 досиеја, а 16 возачи веќе добиле по 100 негативни бодови, во велешкиот сектор, вкупно 4.733 возачи побарале да им се внесат негативни бодови,  а 18 возачи добиле 100 негативни бодови во период од три години.

Против сите возачи кои во период од три години добиле по 100 негативни бодови на територијата на Република Македонија, или вкупно 280, се поднесени барања за поведување прекршочна постапка за изрекување санкција престанок на важење на возачка дозвола до надлежните судови.

Беќарски во изјава за Нетпрес, појаснува дека негативните бодови се евиденција која се води во полициските станици и одделенија за безбедност и контрола на патниот сообраќај.

– Кога граѓанинот ќе направи 100 негативни бодови, се поднесува барање за поведување прекрошна постапка до надлежен Суд. Кога ќе одлучи Судот, со правосилен судски акт ќе го достави до органите кои се надлежни за водењето на евиденциите на возачки дозволи, каде меѓу другото ќе наведе дека тоа лице во период од 3 години направило 100 негативни бодови. Притоа во решението се наведува дека е потребно на истото лице да му се одземе возачката дозвола од таа категорија во која се направени негативните поени, вели Беќарски.

Како што појаснува тој, по ова граѓанинот ќе биде повикан да ја достави возачката дозвола кај референтот кој ги води возачките дозволи, при што граѓанинот во рок на една година нема право ниту да вози ниту да прави нова обука за возачка дозвола,  а полициските станици имаат обврска да го известат испитниот центар за судското решение.

Негативните бодови во возачката книшка по три години се ревидираат.

Од пред еден месец евиденцијата за негативните бодови се води електронски во сите организациски единици во државава. Со оваа новина ќе се овозможи поточно и поефикасно ажурирање на податоците.

фото: press24.mk