Франција лани протерала 27.000 странци

Во 2013 година Франција протерала 27.000 странци без уредни документи за престој на нејзина територија, што претставува 9000 лица помалку во споредба со 2012 година.

Причината за вака драстичнотото намалување на протерувањата е намалувањето на помошта за враќање во родната земја на странците без дозвола за престој. Од друга страна има и зголемување на бројот на оние кои добиле дозвола за престој.

Имено, лани со таа дозвола се стекнале 46.000 лица, односно 10.000 повеќе во споредба со 2012 година.

Бројките ги даде лично министерот за внатрешни работи на Франција Мануел Валс, кој објасни дека од вкупно 27.000 протерани странци, 15.500 биле насилно протерани, од кои 10.700 во една од земјите членки на ЕУ и 4.600 надвор од ЕУ.

На конференцијата за печатот, тој ја обвини претходната администрација на претседатлот Никола Саркози, дека всушност воделе „остра политика против нерегуларната имиграција само на хартија“ со „лажно зголемување на протерувањата за 50 отсто“. Според него „билансот на претходната влада е многу лош“, не само во областа на борбата против тајната имиграција, туку и против несигурноста.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.