Минатата година во Франција се венчале околу 7.000 хомосексуални двојки

Околу 7.000 хомосексуални бракови се склучени во Франција во 2013 година според податоците на францускиот институт за статистика. Според истиот институт во земјата има околу 238.000 геј двојки, пренесе агенцијата „Франс прес“.

Дури 60 отсто од хомосексуалните двојки во земјата се помеѓу двајца мажи.

Според податоците на францускиот институт за статистика, истополовите двојки што склучуваат брак, се повозрасни од хетеро-двојките. Геј мажите што стапуваат во брак, се во просек на 50-годишна возраст, а геј жените на 43-годишна возраст. Најголем процент од стрејт мажите кои се одлучуваат да стапат во брак се на 37-годишна возраст, ажените на 34-годишна возраст.

Според статистичарите подоцнежното склучување на брак меѓу хомосексуални партнери, барем делумно се должи на фактот дека ова е прва година, кога тие имаат право да ја легализираат својата врска.

Од вкупно 7.000 хомосексуални бракови, што биле склучени во текот на изминатат година, една четвртина од нив биле склучени во градови со над 200 илјади жители, од кои речиси 14 отсто се во Париз, а уште една четвртина, во населени места со под 2.000 жители.

Законот што овозможува на хомосексуалните двојки да склучуваат брак и да посвојуваат деца, стапи на сила на 18 мај по вжештената парламентарна дебата и масовни протести на неговите противници. Првиот истополовите брак во Франција беше склучен во Монпелие на 29 мај.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.