Минатата недела 1.652 заболени од грип, сезонава 8.486 заболени

Нови 1.652 случаи слични на грип се пријавени во текот на шестата недела од втори до осми февруари во земјава, што претставува задржување на нивото од претходната недела со незначително зголемување на бројот на регистрирани случаи за 0,2 отсто.

Според податоците од Институтот за јавно здравје на Република Македонија, вкупниот број заболени од грип од почетокот на сезоната 2014/2015 заклучно со шестата недела од годинава изнесува 8.486 лица. Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекција со вирусот на грип.

Споредено со бројот на заболени во шестата недела од минатата сезона, годинава се бележи намалување за 47,7 отсто, а намалување постои и во однос на просечниот број на заболени за таа недела во изминатиот 10-годишен период, кое изнесува 37,8 отсто. Споредено со тој период минатата година, постои намалување на вкупниот број пријавени случаи за 22,4 отсто, а во однос на просекот за 10-годишниот период се регистрира намалување за 8 отсто.

Заболени лица за целата оваа сезона се пријавени речиси од сите извештајни единици (нема регистрирани заболени само во Берово). Во две извештајни единици бројот на регистрирани заболени лица е ≤ 10.

Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци покажува дека најголем број заболени лица на месечно ниво се пријавени во јануари – 4.756 или 56 отсто од вкупниот број регистрирани случаи.

Најголем број заболени од сезонски грип во текот на сезонава се пријавени на територијата на Центарот за јавно здравје во Тетово – 1.683 (19,8 отсто). Поголем број заболени се регистрирани и на териториите на центрите за јавно здравје во Куманово (1.315), Скопје (1.308) и Прилеп (684).

Највисок морбидитет (МБ 2.038,1/100.000) е регистриран во Дебар, а висок морбидитет се регистрира и во Свети Николе, Кратово и Крушево.

Во однос на возрасните групи, во сезоната 2014/2015 најголем број заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години, а најголем морбидитет е регистриран кај најмладите – децата до 4-годишна возраст.

Според податоците на Институтот за јавно здравје на Република Македонија, бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип во државата е на ниво од претходната недела. Се очекува трендот на пораст на активноста на вирусот на грип да продолжи и во наредните недели, со повремени осцилации во интензитетот на порастот.

Во шестата недела од годинава, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнаа 12 материјали за тестирање на грип, од кои пет се тестирани како позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца (1 – А/Х1Н1; 2 – А/Х3Н2; и 2 инфлуенца Б).

Од почетокот на сезоната 2014/2015, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ анализирани се вкупно 90 хумани материјали од амбулантски и болнички лекувани пациенти, добиени од здравствените установи низ Републиката, од кои 25 или 27,8 отсто биле позитивни на вирусот на инфлуенца.

Од позитивните, 10 материјали се конфирмирани како инфлуенца А (40 отсто), а кај 15 е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот (60 отсто). Од инфлуенца А позитивните, два материјали се конфирмирани како инфлуенца А/Х1Н1, 6 се конфирмирани како инфлуенца А/Х3Н2, а 2 се нетипизирани инфлуенца А вируси.