Минатата недела 723 учесници во сообраќајот сториле прекршок, 73 пријавиле неправилности

СВР-Скопје во текот на изминатата недела спроведе зајакнати контроли на подрачјето на Град Скопје при што од страна на сообраќајната полиција санкционирани беа 723 учесници во сообраќајот за сторени прекршоци од Законот за безбедност на сообраќајот.

Кај 38 возачи е утврдено дека управувале возила под дејство на алкохол, потоа 62 лица управувале возила со измината важност на сообраќајната дозвола, без возачка дозвола управувале 24 возачи, кај 29 лица е утврден сообраќаен прекршок за поминување на црвено светло, 36 возачи управувале возила со над дозволената брзина, и 28 возачи управувале возило со над 90 км на час во населено место.

Исто така во изминатиот период, односно од промоцијата на проектот “Предложете сообраќајна контрола”, на веб страницита на Министерството за внатрешни работи пристигнаа вкупно 73 предлози од граѓаните од повеќе градови низ Република Македонија. По постапувањето на сообраќајната полиција по предлозите добиени од страна на граѓаните беа констатирани повеќе прекршоци од Законот за безбедност на патниот сообраќај и тоа: брзо возење, паркирање на коловоз и на тротоар, паркирање на тротоар и пешачка патека, поминување на затворен семафор-црвено светло, користење на мобилен телефон за време на управување итн.

Притоа беа изречени вкупно 63 мерки, 39 покани и 27 платни налози за констатираните прекршоци. Министерството за внатрешни работи е и понатаму отворено за предлози и сугестии од страна на граѓаните за зголемување на сообраќајни контроли низ целата територија на Република Македонија.