Македонија,Економија

Минималната плата ќе го зголеми животниот стандард на работниците

Минималната плата ќе го зголеми животниот стандард на работниците

Владата вчера ги усвои измените на Законот за минимална плата, а се предвиде и динамиката на зголемувањето на истата. Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески успехот на трилатераниот дијалог меѓу Владата, синдикатот и работодавците го оцени како историски договор.Според него, тој ќе овозможи подобрување на животниот стандард на работниците, а работодавците ќе можат да го издржат зголемувањето и притоа да остварат позитивни резултати во работењето. Минималната плата во март ќе се зголеми 10 отсто.

„ Зголемувањето на минималната плата ќе се одвива од март 2014 до март 2016 година. На крајот на процесот таа ќе изнесува  10.080 денари. Во март 2014 година, минималецот од 8.050 ќе се зголеми на 8.800 денари. Во март 2015 година ќе изнесува 9.590 денари, а во март 2016 на 10.050,“ изјави вицепремиерот Ставрески.

Мининалната плата во текстилната и кожарската индустрија ќе се зголемуваат секој март до 2018 година, така што во март 2014 тој ќе изнесува 7.500 денари, март 2015 година 8.050 денари, во март 2016, 9.000 денари, март 2017, 9.590 денари, март 2018, 10.080 денари.

Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски договорот за минимална плата го оцени како јасен доказ за ориентација на Владата кон комуникација со синдикатот и работодавците да разговараат за проблемите и да изнаоѓаат решенија.

„Поголемата мотивација на вработените ќе придонесе за поголема продуктивност.Создадовме услови за зголемување на животниот стандард. Преку реформите, странските инвестции и макроекономска стабилност се создадаваат услови за зголемување на платите во државата,“ изјави Пешевски.

Претседателот на Сојузот на синдикати, Живко Митревски овој договор го оцени како историски успех во градењето на социјалниот консензус. Според него  скептицизмот околу постигнувањето на договор бил победен со договорот во 2011 година за минимална плата, а денеска е договорено за зголемување на минималната плата.

Претседателот на организацијата на работодавци, Ангел Димитров изјави дека минималната плата е чувствителна категорија и истата доколку не биде утврдена внимателно, без опсежна и добра дебата меѓу заинтересираните страни, може да придонесе до потреси во стопанството.

„Ние успеавме со овој договор да ги почитуваме различните интереси, да се зголеми платата на работниците и да не се предизвикаат потреси во стопанството.Измените во текстилната и кожарската индустрија ќе се одвиваат подолг период  до 2018 година.Со тоа, на работодавците ќе им се овозможи да ја применат мерката, без некои поголеми потреси во работењето. Се надеваме дека со заживување на економијата во западните економии ќе заживее и нашето стопанство и притоа стопанствениците без проблем ќе можат да го применат овој закон за минимална плата,“ оцени Димитров.

Казните за работодавците кои нема да го применуваат законот можат да изнесуваат и до осум илјади евра.