Македонија

Министерката Јанкулоска се вклучи во кампањата „Почитувај ги правилата, почитувај го животот“

Министерката Јанкулоска се вклучи во кампањата „Почитувај ги правилата, почитувај го животот“

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денес на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, во рамки на кампањата „Почитувај ги правилата, почитувај го животот“, делеше флаери, како едукативна активност, кои се однесуваат на најчестите сообраќајни прекршоци кои се случуваат во градска средина – не носење безбедносен појас и пречекорување на брзината.

Не носење безбедносен појас и пречекорување на брзината се прекршоци кои многу често доведуваат до тешки, а понекогаш и трагични последици. Само во првите шест месеци на 2014 година од вкупно 1.716 сообраќајни незгоди со потешки последици на подрачјето на Р. Македонија над 40% како причина за настанување на незгодите е управување на возилото со недозволена и неприлагодена брзина, т.е во 689 сообраќајни незгоди причина е неприлагодената брзина.
Во првото шестмесечие на 2014 година поднесени се 5.098 барања за поведување прекршочна постапка против возачи кои управувале возилата со брзина над дозволената, а по однос на овој прекршок наплатени се 1.299 глоби, предупредени се 1.335 учесници, одземени се 46 возачки дозволи, а 164 возачи добиле забрана за управување со моторно возило, додека пак 42 возила се целосно исклучени од сообраќај. На сообраќајна поука се повикани 223 возачи.

Во периодот од осум месеци од 2014 година на територијата на Република Македонија регистрирани се и голем број на прекршоци кои се однесуват на неносење безбедносен појас – издадени се 3.500 покани за плаќање на глоба на лица кои не носеле сигурносен појас.

Според статистиката за првите шест месеци од годинава се случиле 1.716 сообраќајните незгоди со потешки последици во кои животот го загубиле 71 лице, а повредени се 1.519 лица. Како резултат на интензивните активности за безбедност на патниот сообраќај, во споредба со 2013 година оваа година се бележи благо намалување на бројот на сообраќајни незгоди, повредени лица и жртви во незгодите, поради тоа започна и интензивна кампања за безбедност на патниот сообраќај од која се очекува дополнително намалување на негативната статистика во сообраќајот.