вторник, 22 август 2017  |  Вести денес: 2

Министерката Канческа-Милевска ја доби меѓународната награда „Yes to Art“

Во преполната сала на Културниот центар „Јунус Емре“ во Истанбул вчера во рамки на манифестацијата „Anatolian Theatrical Awards“ на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и беше врачена меѓународната награда „Yes to Art“ за остварувања во уметноста и културата.

Канческа-Милевска

Поврзани вести

Заблагодарувајќи се за укажаната чест, министерката Канческа-Милевска рече дека наградата ја доживува како поттик и во иднина да продолжи да работи на унапредување на состојбите во културата во Република Македонија и нејзина промоција во меѓународни рамки, како и за продлабочување и зајакнување на културните врски со Република Турција, која е вистински пријател и поддржувач на нашата земја, соопшти Министерството за култура.

Наградата, која ја доделува реномираното списание за театар „Tiyatro Gazetesi“, како што се наведува, е второ признание за министерката Канческа-Милевска во Република Турција, која во 2011 година беше одликувана и со наградата „Златен чинар“ за особени постигнувања во културата и уметноста.

На манифестацијата признание му беше врачено и на Турскиот театар – Скопје, кој во изминатите 65 години на својата сцена презентираше извонредни театарски остварувања кои ја освоија публиката не само во Република Македонија туку и во другите културни центри низ светот.

Претходно министерката Елизабета Канческа-Милевска оствари билатерална средба со својот колега Наби Авчи на која беше оценето дека двете земји имаат традиционално одлична соработка во сите сегменти од областа на културата, која е потврдена со реализацијата на голем број проекти, како и со претставувањето на уметници од двете земји на значајни фестивали и манифестации во Македонија и во Турција. На средбата, меѓу другото, беше потенцирана и соработката во издавачката дејност, а стана збор и за стимулативната мерка од областа на издаваштвото која се применува во двете држави и која е одлична можност за претставување на книжевните автори во двете земји.

Канческа-Милевска и Авчи на средбата го изразија своето уверување дека соработка во културата меѓу Македонија и Турција во иднина ќе продолжи со уште понагласена динамика. За таа цел, двајцата министри се заложија за скоро потпишување на Програмата за соработка, чие усогласување е во тек, за обезбедување на потребните услови за отворање на културно-информативните центри во Скопје и во Истанбул, како и за интензивирање на изградбата на новиот објект на Турскиот театар. Тие оценија дека овој проект, кој е од особено значење, треба што поскоро да се заврши со што ќе се овозможи Театарот да ги презентира своите уметнички креации во нов објект изграден според сите светски стандарди, стои во соопштението.

Најчитани вести