Министерката Шекеринска на трибина „НАТО и ти“ во Воениот музеј

Денеска во 9 часот во Воениот музеј, министерката за одбрана Радмила Шекеринска ќе учествува на трибина насловена „НАТО и ти“, организирана од Министерството за одбрана, Евроатлантскиот совет на Македонија (АТА Македонија), НАТО – Канцеларијата за врски и Хрватската амбасада во Република Македонија.

На трибината ќе учествуваат и министерот за финансии Драган Тевдовски, амбасадорот на САД, Џес Бејли, хрватската амбасадорка Данијела Баришиќ и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, морнаричкиот капетан Горазд Бартол.

Воведни обраќања на трибината ќе имаат националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, претседателот на АТА Македонија и советник за НАТО на Премиерот, Исмет Рамадани, како и претседателот на светската АТА организација, Фабрицио Лучиоли.

Трибината се организира по повод Денот на НАТО, 4-ти Април.

По трибината во Воениот музеј ќе биде отворена и изложба „Република Македонија на патот кон НАТО“.
Музејската изложба ќе биде отворена за јавноста и ќе трае неколку дена. Во изложбената поставка ќе бидат претставени факсимили од клучни документи, фотографии, знамиња, воени знамиња на единици на АРМ кои учествувале во Мировни мисии на НАТО, карти, воени униформи, воени одликувања, плакети, публикации, видео и аудио материјали и други содржини.

Музејската изложба се организира и по повод 25-годишнината од донесувањето на Одлуката на Собранието на Република Македонија за членство на Република Македонија во НАТО.