Министерот Адеми на еколошка конференција во општина Тетово

Денеска, министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и градоначалничката на Општина Тетово г-ѓа Теута Арифи се обратија на конференцијата насловена “Заштита на животната средина како заедничка вредност во Општина Тетово”, која се организира по повод 5 јуни – светскиот ден на животната средина.

„Прашањето за животната средина во општина Тетово добива сериозен и интегриран пристап, а нејзината заштитата се смета за заедничка вредност и обврска. Сметам дека систематизирањето на академското знаење и стручната оспособеност со локалните и националните политики и активности се вистинскиот начин со кој ќе ги решиме еколошките проблеми со кои се соочува општина Тетово,“ изјави министерот Адеми, додавајќи дека за успешно решавање на проблемот со комуналниот отпад, проблемот со загадувањето на воздухот во зимскиот период, за ефективна заштита на биодиверзитетот и богатите природни убавини со кои изобилува овој дел од Мкедонија многу е важна помошта од сите општествени субјекти вклучувајќи ги универзитетите, граѓанските здруженија и бизнис секторот.

Светскиот ден на животната средина – 5 јуни, е најзначајниот еколошки ден во светот, воспоставен од страна Генералното собрание на Обединетите Нации чие одбележување на светско ниво е раководено од Програмата за животна средина на Обединетите Нации (УНЕП). Замислата и целта на одбележувањето на овој ден е да го фокусира светското внимание врз значењето на животната средина и да поттикне политичко внимание и активност.

Конференцијата е во организација на Општина Тетово и ЈКП “ТЕТОВА” – Тетово.