Министерот Бектеши со амбасадорката на Кина за континуитет во соработката меѓу двете земји

Министерот за економија Крешник Бектеши оствари средба со Јин Ликсиан, aмбасадорка на НР Кина во Република Македонија. Упатувајќи му честитки за именувањето на Бектеши на функцијата, амбасадорката посака да продолжи востановената соработка во економските сектори на двете земји, истакнувајќи дека трговијата покажува одлични резултати на јакнење на економските односи на двете страни.

Кинеската амбасадорка на министерот Бектеши лично му врачи покани за два важни економски настана, во организација на НР Кина. Едниот од нив е Форумот за меѓународна соработка по иницијативата “Belt and Road”, кој ќе се одржи идната година во Шангај. Со втората покана упатена до Бектеши, пак, првпат се отвора можност за претставување на Македонија на ЕКСПО за увоз во Кина.

Според амбасадорката, соработката на НР Кина со земјите од Централна и Источна Европа бележи континуитет, а месецов се очекува Самитот наpПремиерите во Будимпешта да ги дефинира активностите и плановите за следната година во неколку економски области, и тоа трговија, инвестиции, соработка во производствени капацитети и индустрија.

Изразувајќи благодарност за поканите и честитките, министерот Бектеши информираше дека е назначен од страна на Владата на Република Македонија за претседавач на Македонско-кинеската мешовита комисија по Договорот за трговска и стопанска соработка, а Министерството за економија веќе подготвува допис до неговиот хомолог – министерот за трговија на НР Кина за да го извести за назначувањето и да предложи одржување на 8. Седница на Македонско-кинеската мешовита комисија во Скопје, во првиот квартал од 2018 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.