Министерот Џафери оствари средба со специјалниот претставник на генералниот секретар на ООН, Дју

Министерот за одбрана на Македонија, Талат Џафери, во просториите на Министерството оствари средба со специјалниот претставник на генералниот секретар на ООН и шеф на канцеларијата на ООН во Белград, Питер Дју.

На средбата, соговорниците разменија мислења околу учеството на Република Македонија во мировните мисии на Обединетите Нации, додека стана збор и за можностите за зголемување на учеството на припадниците на АРМ во мисиите на светската организација.

Република Македонија, во рамки на придонесот во меѓународните мировни мисии, како и заложбата за утврдување на светскиот мир и безбедност, од 2007 година е дел од мисијата УНИФИЛ во Либан, каде во тек е шестата ротација на македонски персонал.