Македонија

Министерот Ивановски на Панел за глобалниот интернет во Лондон

Министерот Ивановски на Панел за глобалниот интернет во Лондон

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, на 12 и 13 декември во Лондон, учествуваше на првиот состанок на Независниот панел за иднината на глобалната интернет соработка, организиран од Интернет корпорацијата за доделени имиња и броеви.

Покрај него, како панелисти на настанот се појавија познати имиња од светот на телекомуникациите и информатичко-комуникациските технологии, претставници на владини институции, невладини организации и приватниот сектор. Меѓу нив и Мохамед ал Ганем, основач и генерален директор на Телекомуникациската регулаторна управа во Обединетите Арапски Емирати, Винт Церф, потпретседател на Гоогле, Фади Чехаде, извршен директор и претседател на ИЦАНН, Џими Велс, коосновач и промотор на Википедија, Мичел Бејкер од Фондацијата Мозила и многу други.

Учесниците на собирот дискутираа за глобалната интернет соработка и механизмите на управување со интернетот кои ќе се преземат во иднина.

Министерот Ивановски оствари бројни средби со претставници од светските телекомуникациски организации, од владини институции и приватниот сектор, со кои сподели значајни искуства и мислења од областа на ИКТ технологијата, а истовремено одблизу ги запозна соговорниците со мерките и активностите кои ги презема македонската влада во насока на забрзан прогрес на информатичкото општество во Република Македонија.

Следниот состанок на Панелот ќе се одржи на крајот на февруари 2014 година, во Калифорнија, САД, после кој се очекува јавна дебата за извештајот кој содржи принципи за глобалната интернет соработка. Завршниот состанот ќе се одржи во рамките на Светскиот економски форум, во мај 2014 година во Дубаи.