Министерот Јолевски на безбедносен форум во САД

јолевски

Како што соопшти Министерството за одбрана, во рамки на работната посета на САД, Јолевски остварил повеќе средби со претставници на Пентагон, Стејт Департментот, Сенатот, Конгресот и Тинк-Тенк институциите.

На форумот учествуваа неколку сенатори и конгресмени, како и високи поранешни и актуелни функционери и претставници од САД, Европскиот Парламент, повеќето балкански земји, како и од Германија, Романија, Пакистан и Турција.

Јолевски, во своето обраќање на форумот, истакна дека Балканот припаѓа на Евроатланскиот регион и неговата безбедност е неделива од безбедноста на Европа. Тој, исто така, укажа на потребата од интензивирање на соработката на безбедносните структури во Европа со цел поефикасно справување со сегашните и идните предизвици.

Република Македонија, како и останатите земји од регионот имаат голема и важна улога во менаџирањето на мигрантската и бегалската криза, која ја зафати цела Европа, изјави Јолевски.

Министерот Јолевски истакна дека ако се земе предвид актуелната геополитичка ситуација во светот, Европа и Балканот, потребно е да се преземат стратегиски чекори.

Интеграцијата на земјите од југоисточна Европа е еден од тие стратегиски чекори. Знаеме дека постојат одредени критериуми или услови што треба да се исполнат, земјите од регионот се подготвени да работат на нивно исполнување, но потребно е што побрза нивна интеграција во колективните одбранбени системи, рече Јолевски.

На форумот сенаторите и конгресмените, како што се наведува во соопштението, истакнале дека САД остануваат посветени на соработката со Европа, која е стратегиски партнер во борбата против тероризмот и сајбер заканите. Како и дека тоа претставува приоритет на претседателот Доланд Трамп и неговата администрација, а ново поставениот секретар за одбрана и советник за национална безбедност се гаранција за успех во справувањето со овие безбедносни закани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.