Министерот Јолевски на средби во Истанбул

Јолевски: Македонија им ги чува границите, но не може во НАТО и ЕУ

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, оствари средби со турскиот министер за национална одбрана Исмет Јилмаз и со началникот на турските воени сили, генерал Неџдет Озел, во рамки на неговата посета на Република Турција.

Како што соопшти денеска Министерството за одбрана, министерот Јолевски на средбата со министерот Јилмаз изразил благодарност за несебичната поддршка и помош која Република Македонија ја добива од страна на Република Турција во напорите за целосна евроатланска интеграција на земјата.

Јолевски истакнал дека од исклучително значење е поддршката која и овозможи на Република Македонија по самостојна инерција на делување да прерасне во придонесувач кон глобалниот мир и безбедност и при тоа да се изгради како рамноправен НАТО партнер. Тој ја потенцирал и помошта од Министерството за национална одбрана на Република Турција во опремувањето и модернизацијата на Армијата на Република Македонија.

Заеднички бил заклучокот дека постои исклучително добра соработка помеѓу Македонија и Турција која се огледува во фактот што постои постојан дијалог на највисоко ниво кој се пренесува во конкретни предлози од двете држави за континуирана понатамошна соработка. Во соопштението од МО, меѓу другото стои дека министрите за одбрана се согласиле дека соработката меѓу двете држави во областа на одбраната е на значајно високо ниво и таа преставува пример за меѓународни односи кои овозможуваат градење на мир и безбедност во регионот.

Министерот Јилмаз потенцирал дека Република Турција целосно ја поддржува интеграцијата на Република Македонија во НАТО. Тој истакнал дека за поканата за членство во Алијансата нe треба да се чека надминувањето на разликите околу името со Грција кога Македонија веќе ги исполнува сите услови за членство во НАТО. Според Јилмаз. стои во соопштението, Македонија заслужува во најкраток рок да стане дел од Алијансата.

Јолевски истакнал дека заедничкото делување во „Одлучна поддршка“, размената на студенти и професори на Воените академии, редовните билатерални средби и чекорите за економски развој се само неколку од точките на соработка кои треба да продолжат и кои редовно го надминуваат примерот на билатерални односи помеѓу две држави кои се фокусираат на севкупен државен развој.

За време на средбата на министерот Јолевски и началникот на воените сили на Република Турција, Неџдет Озел, било истакнато дека заедничкото делување во мировната мисија на НАТО „Одлучна поддршка“ каде што офицери од Армијата на Република Македонија се вклучени во Кабул во рамки на Главниот штаб на командата за обука кој е предводен од Воените сили на Република Турција е пример и доказ за високо развиена меѓуармиска соработка.

Началникот на Воените сили на Република Турција, соопшти МО, подвлекол дека со Република Македонија постои исклучителна соработка и дека Турција ќе продолжи со поддршката за Македонија во областа на одбраната и безбедноста.

Министерот за одбрана Јолевски имал средби и со директор на Национално вооружување, бригаден генерал Шабан Умут и со министерот за одбрана на Република Монголија, Церендашин Цолмон.

Јолевски и генералот Умут размениле мислења за можностите за дополнителна модернизација на АРМ и можностите за обука на турски и македонски пилоти и офицери кои дополнително ќе ја зацврстат соработката помеѓу Македонија и Турција.

Министрите Јолевски и Цолмон ги разгледале можностите и опремата за обука на воени пилоти кои ги поседуваат Република Македонија и Република Монголија.