Министерот Јолевски успешно ја заврши работната посета на САД

Работната посета на министерот за одбрана Зоран Јолевски во Соединетите Американски Држави вчера заврши успешно со плодна дебата во Атлантскиот совет. На вчерашната дебата на која присуствувале поранешни функционери во администрацијата на САД и претставници на „тинк тенк“ заедницата, биле разменети идеи и мислења за идните стратешки чекори кои е потребно да ги преземе Република Македонија во поглед на реформите во одбраната и патот за членство во Алијансата. Во оваа прилика, министерот Јолевски ја пренел пораката на граѓаните на Република Македонија и нивната одлучност да бидат дел од безбедносниот чадор при што истакна дека нашата земја ги има исполнето сите критериуми за членство во НАТО. Тој воедно додал дека нашиот пат не завршува тука, туку дека ќе продолжиме со процесот на реформи со цел интеграција во НАТО и Европската унија, пишува во соопштението од Министерството за одбрана.

Sredba Atlantski Sovet2

Во текот на вчерашниот ден, министерот Јолевски се сретнал и со конгресменот, Хауард Бак МекКеон, претседател на Комитетот за одбрана на конгресот на САД. На оваа средба тие разменија мислења за иднината на НАТО, а разговараа и на темата проширување на Алијансата. Уште на самиот почеток, конгресменот МекКеон упати благодарност за придонесот во мисијата ИСАФ во Авганистан и истакна дека Армијата на Република Македонија е одличен партнер во мисијата. Конгресменот МекКеон рекол дека на него може да се смета на искрен поддржувач во интеграциските процеси за влез во Алијансата, стои во соопштението.

Во рамки на вчерашните активности, од страна на Стејт департментот бил приреден пригоден прием за министерот Јолевски на кој присуствувал дипломатскиот кор од регионот, функционери на администрацијата и други гости. На приемот на министерот Јолевски му било врачено писмо со честитки од државниот секретар Џон Кери за досегашниот мандат како амбасадор во САД. По приемот, министерот Јолевски имал работен ручек со заменик помошникот секретар за европски и евроазиски прашања, Хојт Ји.