Министерот Кучи се сретна со директорот на Светска банка

Подршката за повеќе проекти од областа на енергетската ефикасност и туризмот во Македонија е резултат од успешната соработка меѓу Министерството за економија и Светската Банка, истакна министерот за економија Дритон Кучи на средбата со директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели.

Како што соопштија од ресорното Министерство, Кучи му се заблагодарил на Мантованели за континуираната поддршка што оваа институција и ја дава на земјата и предложил соработката да продолжи со реализација на проектот за изградба на автопатот Скопје – Блаце.

Министерот Кучи ја истакна потребата од поддршка на Светската банка за забрзување на изградбата на патната инфраструктура, која би ја приклучила индустриската зона во Тетово со автопатот Тетово-Скопје како и поддршка за ревитализација на дуќаните во Старата скопска чаршија и Битолската чаршија, се наведува во соопштението.

Мантованели нагласил дека соработката со Македонија е многу плодна во областа на енергетиката, туризмот, подобрувањето на конкурентноста на компаниите и развојот на општините и најавил дека во септември ќе биде креирана програма за проекти што ќе бидат реализирани во наредниот период.

Министерството за економија во соработка со Светска банка го реализираше и проектот за имплементација на мерките за енергетска ефикасност, со кој се реновираа 42 основни училишта и детски градинки во 12 општини, проект вреден над четири милиони долари. Со поддршка од Светската банка е имплементирана и новата стратегија за енергетска ефикасност, која вклучува инвестиции во енергетската ефикасност не само во јавните објекти, туку и во други управни  згради, болници и социјални установи.