Министерот Попоски ја посети општина Пустец

Министерот за надворешни работи Никола Попоски во рамки на посетата на Албанија по повод учество на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан во Драч, ја посети општината Пустец, каде се сретна со градоначалникот на општината, Едмонд Темелко.

Како што соопшти МНР, Попоски се сретна и со претставници на Советот на Општината, наставниот кадар по македонски јазик, како и со претставниците на македонската заедница од повеќе општини од Република Албанија.

На средбите, како што се посочува во соопштението од МНР, станало збор за можностите за поголема прекугранична соработка во преспанскиот регион, со акцент на екологијата и еко-туризмот, како и за можностите за подобрување на инфраструктурата што локално ги поврзува Република Македонија, Република Албанија и Република Грција.

Образованието на нашите деца е најважната инвестиција во европската иднина на сите земји од регионот…Албанија и Македонија имаат огромен терен за соработка на патот кон ЕУ. Најважно е нашите граѓани реално да почувствуваат корист од приближувањето и ЕУ да биде достижна цел. Во овој период треба да се охрабриме да има што повеќе прекугранични врски и проекти, потенцираше министерот Попоски.

Тој посети и дел од училиштата во општината Пустец, каде донираше книги на македонски јазик прилагодени за деца на училишна возраст, се наведува во соопштението од МНР.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.