Македонија

Министерот Попоски се сретна со амбасадорот на Република Финска

Министерот Попоски се сретна со амбасадорот на Република Финска

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, денеска го прими вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Финска во Република Македонија со седиште во Загреб, Тимо Рајакангас.

На средбата заемно беше оценето дека добрите политички односи меѓу Република Македонија и Република Финска претставуваат основа за подинамичен развој на меѓусебната соработка, особено во економска сфера.

Министерот Попоски нагласи дека Република Македонија особено ја цени и е благодарна за поддршката и помошта од Република Финска за што поскоро отпочнување на пристапните преговори со Европската Унија, информирајќи истовремено за напорите и конкретните достигања на нашата земја на тој план. Притоа, министерот Попоски изразувајќи задоволство од досегашната соработка во реализацијата на twinning проекти го нагласи интересот за продолжување на ваквата соработка за подигнување на капацитетите на македонската администрација во процесот на европската интеграција.

Амбасадорот Рајакангас ја повтори принципиелната определба на Република Финска за поддршка на процесот на проширување на Европската Унија и во тој контекст силната поддршка на што поскорото отпочнување на пристапните преговори за членство на Република Македонија во Унијата, што би довело до интензивирање на реформските процеси во земјата и би било во корист на Регионот.

На средбата стана збор и за актуелните состојби во нашиот Регион и пошироко во светот.