Министерот Спасов во работна посета на Естонија

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов денеска и утре, престојува во работна посета на Талин, Естонија.

Во рамките на посетата министерот Спасов ќе оствари средби со министерот за социјална заштита на Естонија, Хелмен Кит и министерот за здравство и труд на Естонија, Урмас Крусе, при што ќе се разменат мислења за социјалните услуги, мерките за вработување, како и за други прашања кои се од интерес на граѓаните од двете држави.

Воедно, министерот ќе ги посети Министерството за социјални прашања, Одборот за социјално осигурување, Центарот за професионална рехабилитација на Астангу, како и на Фондот за осигурување на невработени. На средбите ќе се дискутира за осигурувањето на невработените лица во Естонија и услугите за вработување. Исто така, акцент ќе биде ставен и на реформите и услугите за вработување на лица со посебни потреби.

Во текот на работната посета ќе биде потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија и Министерството за социјални прашања на Република Естонија во областите на трудот, вработувањето и социјалната политика.

Со оглед на тоа што Естонија е земја членка на Европската Унија, нивните искуства, сознанија и научени лекции ќе бидат од голема помош при изработката на стратешки документи, законска регулатива и дефинирање на идните проекти.
Соработката ќе се одвива преку размена на експерти, заемно учество на семинари, конференции и други меѓународни настани, кои ќе бидат организирани на териториите на двете земји, реализација на студиски посети на вработените од двете министерства, како и реализација на проекти кои се од заеднички интерес за двете министерства.