Министерот за култура најави тужби за изведувачите на МНТ и Археолошкиот музеј

Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски  во саботата изјави дека за протекувањето во објектите на Македонскиот народен театар (МНТ) и Археолошкиот музеј одговорност ќе бараат од изведувачите, надзорните органи и стручните служби во министерството, најавувајќи тужби поради нестручно градење.

Алаѓозовски рече и дека Министерството за култура ќе истражува кој и зошто не ги извел квалитетно градежните работи и ќе поднесе тужби за сите ситуации каде што функционирала криминалата мрежа на нестручно градење објекти.

Тој и в.д. директорот на МНТ, Драган Спасов-Дац денес пред медиумите ги покажаа местата каде тече во објектот изграден пред четири години и чинеше 40 милиони евра.

Алаѓозовски рече дека врнежливото време предизвика алармантна состојба во културата, со проблеми со крововите кај постарите објекти, и со опасност од спој на вода и струја и протекување кај новите објекти од „Скопје 2014“ изградени покрај Вардар.

„Имаме ситуации каде дополнително се комплицира затоа што е крај на фискална година, па дури и тендери за итни работи не може да се спроведат. Им дадовме насоки на директорите како најбрзо и најитно да се справат со проблемите, а исто така и побаравме помош и донации од компаниите. Онаму каде сѐ уште постојат банкарски гаранции или каде полисите за осигурување го дозволат тоа, ќе ги активираме со дел да можеме со тие допонителни гарантирани мерки да собереме средства и да им помогнеме на институциите“, рече Алаѓозовски.

Директорот на МНТ, пак, рече дека има услови за работа во театарот, и покрај протекувањето.

„Може да се работи, само ние криеме некои работи, за да го покриеме срамот“, рече директорот.

Алаѓозовски најави формирање на подкомисија на работната група на „Скопје 2014 “ која ќе се состои од градежни и машински инженери, како и од архитекти, кои треба да утврдат колку се безбедни тие објекти.

Театарот беше изграден пред четири години, а за него се потрошија 37 милиони евра, a изградбата на Археолошкиот музеј чинеше 42 милиони евра.