Министерот за трговија на САД во посета на Пекинг

Министерот за трговија на САД, Вилбур Рос пристигна денеска во Пекинг за да разговара со кинеските официјални претставници откако американскиот претседател Доналд Трамп ги обнови заканите за воведување царини кон Кина.

Неименуван американски официјален претставник изјави дека Рос утре ќе се сретне со кинескиот заменик-премиер Ли Хео. Тој е главен преговарач на Кина во трговските спорови.

Вашингтон и Пекинг разменија закани за воведување реципрочни царини на стоки вредни 150 милијарди долари.

Кога сè чинеше дека меѓу двете економски сили ќе дојде до трговско примирје, Белата куќа на почетокот на неделата предупреди дека ќе наметне царина за увоз на кинески стоки вредни 50 милијарди долари, како и рестриктивни мерки за нејзините инвестиции во САД.

Аналитичарите изразија очекување дека Рос за време на дводневната посета на Кина ќе се обиде да обезбеди долгорочно купување на американски земјоделски и енергетски производи што треба да помогне во намалувањето на трговскиот дефицит во САД.