Министерски состанок за продолжување на граничните контроли

Министрите за внатрешни работи на ЕУ денеска во Амстердам ќе одржат неформален состанок, на кој ќе бидат разгледани опциите за продолжување на времените гранични контроли во Шенген зоната, со цел да се контролира приливот на мигранти.

Според членот 26 од Шенгенскиот договор, кој никогаш досега не е применет, се дозволува една или повеќе членки да воведат двегодишна контрола на своите граници.

– Се уште го немаме употребено тој механизам, но постои таква можност и Комисијата е подготвена да ја искористи доколку е потребно, истакна неодамна портпаролка на ЕК, Наташа Берто, пренесува МИА.

Таа додаде дека ЕУ се уште не е во таква ситуација, но министрите во Амстердам ќе имаат можност да разговараат во врска со тоа.

Воведените времените гранични контроли истекуваат во мај, што значи мора да бидат или укинати или продолжени уште две години, доколку Берлин оцени дека „трајните пропусти на надворешните граници на Шенген зоната тоа го оправдуваат“.

Еврокомесарот за миграции Димитрис Аврамопулос изјави дека Грција не е сама по прашањето за решавање на бегалската криза, порачувајќи дека „државите мора да преземат своја одговорност“.

– Доколку падне Шенген зоната, тогаш ќе почне да се урива цела европска конструкција, истакна Аврамопулос, додавајќи дека границите на ЕУ нема да се затворат.