Македонија

Министерство за финансии денеска добива нов објект

Министерство за финансии денеска добива нов објект

Вечерва со почеток во 19:30 часот Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, официјално ќе го пушти во употреба новиот објект на Министерството за финансии “Палата 23 октомври“.

Со доградбата на овој објект е надминат проблемот што се јавуваше поради користењето различни локации во кои беше сместено Министерството за финансии, што го отежнуваше нормалното и ефикасно функционирање.
Ваквиот потфат трајно го реши деценискиот проблем од недостиг на просторни услови за работа, а државата со неговата изградба заштеди значителни средства за закупнина на објектите во кои функционираше Министерството.

Распространет на 14.000 метри квадратни распоредени на 11 нивоа, ова е енергетски најефикасниот јавен објект во Македонија и еден од најсовремените во регионот. Вградени се најсовремени материјали за изолација, независен систем на затоплување и ладење со клима комори и стакло со високосоларен коефициент на трансмисија.

Зградата спаѓа во групата СМАРТ згради – насочена кон заштеда на енергија и заштита на околината. Во неа е сместен и современ прес-центар, како и конференциска сала каде ќе се одржуваат конференции, состаноци и дебати меѓу стручни лица за соодветни намени. Изградена е и најсовремена компјутерска систем сала, направена по најстроги стандарди, која ќе овозможи непречено и стабилно функционирање на целокупниот компјутерски систем на оваа институција, а пред сè на Трезорот и Буџетот како витални сектори на Министерството за финансии и на платниот промет во државата.