Министерство за култура: Одлуката на ЗАМП е нејасна и неразбирлива и не кореспондира со фактичката состојба

За Министерството за култура одлуката на Здружението за заштита на авторски музички права „ЗАМП“-Скопје, со која се забранува емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување е нејасна и неразбирлива и не кореспондира со фактичката состојба во колективното управување со авторското право, велат од Министерството.

 

Имено, ЗАМП во моментов е единствена организација за колективно управување која согласно важечката Тарифа на ЗАМП врши прибирање и распределба на надоместоци за авторски музички права. Висината на надоместоците (Тарифата) кои корисниците ги плаќаат на ЗАМП за користење на музички дела од репертоарот на ЗАМП е донесена од самата Организација ЗАМП во 2011 година. Врз основа на оваа Тарифа, ЗАМП со корисниците има склучено општи и поединечни договори со кои се регулира начинот на користење на музичките дела и врз основа на кои ЗАМП и во моментот врши наплата од корисниците.

 

Оттука нејасно е зошто ЗАМП донесува Одлука за забрана на користење на музички дела по пат на радиодифузно емитување во услови кога со ниедно дејствие од страна на корисниците ниту од било кој друг субјект му е попречено или оневозможено остварувањето на колективното управување со авторските музички права.

 

Напоменуваме дека другата организација СОКОМ МАП од Министерството за култура, согласно законските процедури, има добиено дозвола за колективно управување со авторските музички права, но се уште ги нема донесено општите акти за работа на Организацијата (Тарифата и Правилникот за распределба) заради што истата нема започнато со работа, односно не врши прибирање и распределба на средствата за користење на авторските музички права.

 

Во таа смисла, ЗАМП Одлуката за забрана за емитување на музика не ја темели на законски основи.

 

За  нас е неприфатливо, состојбите во оваа сфера  да се решаваат со користење на инструменти како забрани, закани и притисоци, имајќи ја предвид важноста на авторското право кое е неприкосновено право и кое сите ние имаме обврска да го почитуваме. Потенцираме дека во Законот за авторското право и сродните права, како и во другите прописи од областа на културата се инкорпорирани сите меѓународни правни регулативи со кои се обезбедува највисок степен на заштита на авторското право и сродните права и во таа смисла апелираме, состојбите во оваа област да се решаваат преку заемна соработка и конструктивен дијалог  меѓу авторите и корисниците. Авторското право во нашата држава ужива најголема заштита и во таа смисла секое нарушување на авторските права има судска заштита.

 

Сосема на крајот, би сакале да потенцираме дека ваквите состојби во сферата на авторското и сродните права не ја унапредуваат улогата и статусот на авторите туку напротив, не овозможуваат застапеност на нашите автори на програмите на радио-дифузните организации и нивна промоција. Се надеваме дека  организациите за колективно управување ќе ги препознаат заложбите на Министерството за култура и дека конечно ќе ги насочат своите активности кон  заштитата на правата и авторите, а не кон меѓусебни обвинувања. Министерството за култура како досега, така и во иднина конструктувно ќе соработува со сите засегнати страни во процесот на колективно управување, во рамките на своите надлежности, се наведува во реакцијата на Министерството за култура.