Министерство за култура: Правната неоснованост на актот може да ја цени само надлежниот суд, а не ЗАМП

Во врска со денешната реакција испратена до медиумите од страна на Здружението за заштита на авторски музички права „ЗАМП“- Скопје уште еднаш напоменуваме дека Министерството за култура постапува исклучиво врз основа на своите надлежности кои се утврдени со Законот за авторското право и сродните права, велат од Министерството за култура.

-Решението за запирање од извршување на одлуката за забрана за емитување на музика е донесено во јасна и дефинирана постапка и истото решение е целосно законски основано. Правната неоснованост на овој акт, може да ја цени само надлежниот суд, а не ЗАМП. Напоменуваме дека постапувањето, односно непостапувањето на ЗАМП по донесен акт од надлежен државен орган, односно од Министерството за култура е негов избор и негова законска одговорност, стои во реакцијата од ресорното министерство.

Министерството за култура како и досега, се додава, така и во иднина согласно своите надлежности ќе работи во интерес на македонските автори, а и ЗАМП е должен и има законска обврска да го стори истото.

-Сакаме да потенцираме дека ЗАМП е здружение кое врши колективно управување со авторски музички права врз основа на дозвола добиена од Министерството за култура и треба да работи во интерес на сите автори, почитувајќи ги законите во Република Македонија, вклучително и во согласност со актите на надлежното министерство за култура. Денешните наводи кои ЗАПМ ги изнесе во јавноста се груби лаги, невистини и паушалности проследени со целосно непознавање на законските прописи од областа на авторското право, па во таа смисла спротивно на тврдењата на ЗАМП во кои беше посочено дека Министерството за култура, Решението за запирање од извршување на одлуката за забрана за емитување на музика не го доставило до надлежниот суд, потврдуваме дека истиот ден на доставување на решението до ЗАМП, паралелно поведена е и постапка пред надлежниот суд за оценка на законитоста на актот. Република Македонија е правна држава и во таа смисла никој не е над законите, ниту било која институција, ниту поединец, ниту ЗАПМ, се вели во реакцијата на Министерството.