Министерство за транспорт и врски: Ременски да дозволи да се потпишат листите за социјалните станови

Министерството за транспорт и врски денеска ја повика, како што се наведува во соопштението, техничката министерка Фросина Ташевска -Ременски да им објасни на социјалните семејства зошто не можат да си ги добијат клучевите од становите кои државата им ги додели.

– Наместо вината за нераспределбата на социјалните станови да ја префрла на друго место, техничката министерка за труд и социјална политика Ременски, јавно да излезе и да им објасни на 76 социјални семејства од Прилеп, 25 социјални семејства од Демир Хисар и 18 социјални семејства од Ресен, зошто не можат да си ги добијат клучевите од становите кои државата им ги додели, а не да се крие зад партиските соопштенија од нејзиниот кабинет, се наведува во соопштението од Министерството објавено како реакција на соопштението од МТСП.

Министертвото за транспорт и врски ја повикува Ташевска Ременски, како што стои, да не ја злоупотребува позицијата и да дозволи да се потпишат конечните листи за да можат сите овие семејства конечно да се вселат во становите.

– Наместо да брка политички поени и да задоволува партиски интереси во Прилеп, техничката министерка Ременски професионално да си ја врши функцијата за која е платена од граѓаните. Распределбата на овие социјални станови е закочена само поради самоволието на техничката министерка Ременски, бидејќи во конечната листа на добитници го нема лицето за кое лично таа побарала да добие стан. Ваквото самоволие на Ременски не може да се толерира во случај кога лицата кои ги исполнуваат условите за добивање на социјален стан од Прилеп, Демир Хисар и Ресен се оставени на милост на техничката министерка, се наведува во соопштението.

Министертвото за транспорт и врски, се посочува во текстот, уште еднаш апелира до членовите на Комисијата што ги номинираше техничката министерка Ременски, да ги поптишат листите со добитници и да не бидат злоупотребени за партиски интереси.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.