Македонија

Министерство за здравство: Во Македонија се користи инсулин од врвните светски производители, СДСМ манипулира

Министерство за здравство: Во Македонија се користи инсулин од врвните светски производители, СДСМ манипулира

Министерството за здравство реагира на одржаната прес конференција на пратеничката на СДСМ, Јагода Шахпаска.

Нивната реакција ја пренесуваме во целост:

Сведоци сме на уште еден трагикомичен обид на СДСМ и пратеничката Јагода Шахпаска да креираат паника меѓу лицата со дијабетес, да создадат комплетно лажна слика за состојбата со инсулинска терапија во државата, притоа злоупотребувајќи ја оваа чувствителна група на пациенти.

Сите инсулини што се користат во Република Македонија се од врвните светски производители и истите се во употреба во најразвиените здравствени системи во светот. Испораката на инсулини во аптеките се врши согласно препишувањата од докторите-специјалисти, и целосно во согласност со Законот за здравствена заштита, како и упатствата и протоколите од оваа област.

Комплетна невистина е констатацијата дека во Македонија кога било имало инсулинска криза. Количините на инсулин во сите инсулински аптеки во државата, во целост одговараат со потребите на пациентите со дијабетес мелитус за кои е потребна инсулинска терапија.

Веројатно СДСМ поттикнати од сознанието како во нивно време се спроведувале тендерите за набавка на инсулини, сега непотребно шират паника и страв меѓу лицата со дијабетес.

Во оваа прилика, би ја прашале почитуваната пратеничка Шахпаска, дали фармацевтските компании ја финансираат оваа негативна кампања и хајка која се води против Министерството, а на грбот на една чувствителна група на пациенти – лицата со дијабетес?