Министерството за економија со максимална поддршка за коморите

Министерот за економија Беким Незири денеска оствари работна средба со претседателите на трите стопански комори, и тоа Даниела Арсовска на ССКМ, Бранко Азески, претседател на СКМ и Мендерес Кучи, претседател на СКСЗМ.
Министерот Незири во текот на средбата ги запозна соговорниците со неговите и целите на Министерството за економија, во насока на подобрување на климата за водење бизнис и им вети целосна поддршка во сите сфери кои се под негова надлежност.

„Од вас очекувам да бидете директи креатори на економските политики. Ќе ја продлабочиме соработката, ќе ги детектираме недостатоците, ќе подготвиме акционен план за начинот и времетраењето на решавање на сите проблеми, а воедно од вас барам во Министерството за економија да гледате како на наш заеднички дом, во кој ќе работиме за постојано подобрување на економијата на Република Македонија“, истакна министерот Незири.

Тој изрази уверување дека ќе лобира за реализација на нивните барања, кои се аргументирано предложени, реални и спроведливи.

Претседателите на коморите, изразувајќи благодарност за поканата и за понудената поддршка, побараа од министерот разјаснување на условите кои домашните компании треба да ги исполнат за да влезат во ТИРЗ-овите, а како прашања на кои треба да се работи во идниот период ги истакнаа изнаоѓањето начини на мотивирање на граѓаните да ги инвестираат средствата кои им се депонирани во банките, а чиј износ е над 4.3 милијарди евра, како и долотрајноста на судските постапки.

Министерот Незири понуди, а претставниците на трите стопански комори се согласија да оддржат редовни месечни средби, сѐ со цел елиминирање на сите бариери и подобрување на бизнис климата во земјава.