Македонија

Министерството за култура со богата програма за 2014

Министерството за култура со богата програма за 2014

Вкупно 44 театарски премиери, 18 аматерски претстави, преводи на дела од странски автори, издавање шест монографии, 14 стрипови, 37 книги на млади, талентирани писатели, организирање ретроспективни изложби, одбележување значајни јубилеи, конзервација на црквата Св. Ѓорги во Курбиново, санација на комплексот Водочки цркви во село Водоча и на манастирот Св. Богородица Елеуса во Вељуса, заштита на манастариот Св. Никола во Мариовско и на црквата Св. Никола во Зрзе, обнова на манастирот Трескавец,…

Ова се само дел од проектите што годинава ќе ги поддржи Министерството за култура чиј буџет изнесува 3,9 милијарди денари. Од овие средства, преку една милијарда денари се наменети за програмски активности.

Првпат во Република Македонија, годинава, од 4-10 мај, ќе се оддржи 70. Конгрес на Меѓународна организација на филмски архиви (ФИАФ) на кои ќе присуствуваат околу 200 делегати од сите кинотеки од целиот свет.

„Во програмата за драмска дејност во 2014 година се прифатени 113 проекти, 44 премиери на национални установи, 13 независни и алтернативни проекти во шест општини. Во театрите ќе ги видиме остварувањата на Слободан Унковски, Мартин Кочовски, Софија Ристевска, Васил Зафирчев, Бујар Лума, Нехат Мемети,… Поддржани се 18 аматерски претстави во 16 општини, 23 фестивали и манифестации во 13 општини, од кои и три нови како меѓународниот театарски фестивал во организација на Македонскиот народен театар од Скопје, Фестивалот на комедија „Гола месечина“ во Општина Аеродром во организација на Театарот „Комедија“ и меѓународниот театарски фестивал „Театарот поинаку“ на отворени локации во општина Чаир во организација на Центарот за алтернативна креација „Алтернативе“ од Скопје,“ велат од Министерството.

Застапени се афирмирани македонски и странски режисери, Иван Поповски, Љубиша Георгиевски, Владимир Милчин, Бранко Ставрев, Александар Поповски, Дејан Пројковски, Диего де Бреа, Андреј Жолдак и многу други.

Новина е што се предвидени гостувања на сите национални театри во речиси сите градови во земјава.

Во контекст на музичко-сценска дејност, централно место годинава има јубилејот на Македонската филхармонија која одбележува 70 години постоење. Празнувањето ќе биде во текот на целата година, со реализирање врвни концерти на светски и домашни уметници и автори.

Јубилеи годинава празнуваат и Танц Фест и здружението „Шпато“, 10 години постоење и работење, како и Виенскиот бал, 15 години постоење и презентирање на македонско-австриските односи.

Како што информира ресорното Министерство, во издавачката дејност, освен преводи на дела од светската литература, шест монографии и осум проекти од електронското издаваштво, поддржани се и по еден или два тома од собраните дела на истакнати македонски писатели, Богомил Ѓузел, Јован Павловски, Блаже Ристовски, Луан Старова, Митко Маџунков, и Бранко Цветкоски, 14 стрипови, 45 списанија со повеќегодишна традиција од областа на културата, 30 проекти книги за деца, 100 пријави на реномирани автори, 37 дела на млади и талентирани автори, програмски активности на здруженија, манифестации.

Поддршка е предвидена и за последниот том од Толковниот речник на современиот македонски јазик (Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“) и многу други автори. Прв пат се појавува и цела Антологија на класичната кинеска поезија подготвена од Игор Радев. Особено значајно е што препевот е од кинески јазик, како и антологискиот приказ на едицијата „130 тома македонска книжевност“ – Македонска книжевност на брајово писмо (поезија, драма, расказ, роман).

Поддржани се неколку аудио (звучни) списанија за слепите лица, како и електронскиот проект за културно издигање на лицата со пречки во менталниот развој.

Во ликовната дејност најзначаен настан е петдеценискиот јубилеј на Музејот на современиот уметност (МСУ) за чие одбележување е предвидено отворање на постојаната музејска поставка, како и приказ на дела од Василије Поповиќ Цицо (100 години од раѓањето), постхумна ретроспективна изложба на Вељо Ташовски и ретроспективна изложба на Владимир Боројевиќ.

Во рамки на одбележувањето значајни јубилеи е и изложбата на дела од доајенот на македонската современа ликовна уметност Вангел Коџоман, во организација на Музеј-Струга. Со реализацијата на овој проект, предвидена е и санација на објектот на Музејот кој ќе биде наменет за постојана музејска поставка на 33-те дела на овој значаен автор кои се во сопственост на музејот.

Во областа на заштитата на културното наследство предвидена е конзервација на архитектурата на црквата Св. Ѓорѓи Победоносец, село Младо Нагоричане, конзерваторско-реставраторски работи на живописот на манастирскиот комплекс Св. Ѓорги, Кнежино од 14 век. Посебно внимание ќе биде посветено на целосната заштита, конзервација на архитектурата и живописот на црквата Св. Ѓорги во Курбиново, како и целосното истражување, заштита, конзервација, реставрација и презентација на античкиот град Скупи.

Ќе бидат реализирани проектите за конзервација на живописот на црквата св. Никола во Јосел, конзерваторскиот проект за ѕидовите од црквата Св. Пророк Илија во Стар Дојран, проектите за санација на комплексот Водочки цркви село Водоча и на манастирот Св. Богородица Елеуса во село Вељуса, Струмица. Ќе продолжат и активностите околу конзервацијата и реставрацијата на стариот конак во манастирот Св. Никола, село Љубанци.

Меѓу позначајните проекти во насока на презентација и популаризација на објектите од сакралната архитектура се издвојуваат конзервацијата и реставрацијата на фасадите и адаптацијата на објектот на Јени Џамија во Битола, како и проектот за конзервација, реставрација и реконструкција на тремот на Хусеин Шах џамија во Сарај, Скопје.

Ќе бидат реализирани проектите за санација и реставрација на фасадите на два објекта на улицата „Илинденска“ во Скопје, во Старата охридска чаршија и во Штип, како и проектот за обнова на фасадата на една куќа во Гостивар.

„Годинава ќе биде заокружен и проектот за санација и обнова на Спомен костурницата на паднатите борци во НОВ од Велес и Велешко, санација на Амамот во Тетово кој е во функција на галериски простор. Истовремено ќе бидат реализирани и проектите за непосредна заштита на Галерија „Никола Мартиновски“ во Крушево и на споменикот „Илинден“ во Крушево, а ќе продолжи и четвртата фаза на непосредна заштита на куќата на Ајри Доко во Охрид со поставување покривна конструкција на сцената во Долни сарај и Античкиот театар,“ велат од Министерството.

Продолжува и догорочниот проект за дигитализација на националното аудиовизуелно наследство преку националната установа Кинотека на Македонија. Планирана е дигитализацијата и дигиталната реставрација на играните филмски остварувања на значајните режисерски имиња од домашната кинематографија, меѓу кои филмскиот опус на режисерот Љубиша Георгиевски, по што ќе следи ДВД-издание на дигитално реставрираните филмови, по повод јубилејот 55 години творештво и 77 години раѓање, како и дигитализација на филмските остварувања на режисерот Милчо Манчевски.

Во делот на меѓународната соработка, по повод одбележувањето 20 години од воспоставувањето дипломатски односи, ќе се организираат комплексни манифестации со богати културни содржини во Чешката Република, Република Австрија и Унгарија.

Република Македонија ќе биде присутна и во Женева каде со повеќе културни активности ќе го одбележи членството во Советот за човекови права на ОН.

„Продолжувајќи ја традицијата, по успешното претставување во Истанбул, Талин, Марибор и Марсеј, ќе се претставиме и во Рига која оваа година е носител на титулата Европска престолнина на културата. Македонија ќе се претстави и на меѓународните саеми во Франкфурт, Гетеборг и Истанбул,“ велат од Министерството.

На фестивал во Шведска ќе учествува истакнатиот македонски поет Никола Маџиров, а на поетски фестивал во Гранада, Никарагва, Република Македонија ќе ја претставува Игор Исаковски. Оркестарот на Македонската филхармонија ќе реализира концерт во престижната концертна сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб, Македонска Опера и Балет со оперската претстава „Дон Џовани“ ќе учествува на Меѓународниот фестивал на музика и игра во Банкок, Тајланд, а Балетот со балетската претстава „14 часа“ ќе гостува во Виена.

Годинашниот буџет на Министерството за култура е за 11,6 отсто поголем од ланскиот.