Македонија

Министерството за образование под своја капа ги става средните верски училишта

Министерството за образование под своја капа ги става средните верски училишта

Средните верски училишта во Македонија, кои работат под закрила на верските заедници, ќе бидат под надлежност на Министерството за образование и наука, најави денеска министерот Абдилаќим Адеми.

Целта е учениците кои ќе завршат верско училиште – средно богословско или исламско средно (медреса), без проблеми да се запишуваат на кој било факултет, а не само на Теолошкиот факултет односно на Факултетот за исламски науки, што значи дека ќе треба да полагаат и државна матура.

Тоа беше повод за денешната средба на министерот Адеми со поглаварот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи, на која разговарале за статусот на медресите и правните услови кои треба да се исполнат за тие да се воведат во регистарот на МОН.

– Скоро во сите земји од регионот верските училишта се во склоп на образовниот систем, затоа што тие се битни за општеството и за државата. Токму тоа е целта – овие училишта да бидат дел од образовниот систем на Република Македонија, а тоа значи да бидат запишани во регистарот на училишта. Тие во мемнтов не се запишани во регистарот и учениците таму не полагаат државна матура, а со неполагање на матурата тие се ограничени да се запишат на факултет. Овие проблеми сакаме да ги надминеме заеднички со верските заедници, изјави Адеми по средбата во ИВЗ.

Додаде дека прашањето можеби ќе се регулира со посебен закон или со измена на Законот за средно образование.

– Денеска не можеме да зборуваме конкретно како ќе се уреди тоа, дали ќе има потреба за измени на Законот за средно или посебен закон. Тука сме да искажеме волја дека ова треба, конечно, да биде регулирано, рече Адеми.

Поглаварот Реџепи истакна дека со денешната средба се исполнило нивното барање. – Најдовме заеднички јазик со МОН. Министерот е на располагање да помогне во рамки на правниот систем некои проблеми кои сме ги имале да ги надминеме и нашите воспитно-образовни установи да продолжат на институционална линија, рече Реџепи.

На новинарско прашање одговори дека со регулирањето на статусот на медресите ќе се отстранат одредени радикални елементи.

– ИВЗ секогаш инсистира идниот кадар да не биде однадвор туку од тука – и средношколците и тие со факултетско образование, па дури и со постдипломски студии. Тогаш ќе нема шанса на оваа почва да се пренесува нешто страно и надвор од Македонија, рече поглаварот на ИВЗ.

Министерот во оваа пригода соопшти дека в четврток ќе се одржи прва средба на работните групи кои треба да го подготват концептот за текстот за нов закон за високото образование.

Во врска со бојкот во некои училишта поради задолжителено полагање математика на државната матура од оваа учебна година, Адеми рече дека државната матура во Македонија функционира одлично и, како што рече, е предност за македонските средношколци зашто со неа може да се запишат на кој било универзитет во светот.