Министерството за транспорт и врски: Макрадули повторно ја замајува јавноста со лажни и произволни наводи

Министерството за транспорт и врски најостро реагира на изјавите на пратеникот на партијата СДСМ, Јани Макрадули, дадени во Собранието на Република Македонија кои се однесуваат на проектот за реконструкција и надградба на управната зграда на Министерството за транспорт и врски во  кои се наведува дека „… Министерот Миле Јанакиески рече дека потрошил 180.000 евра за зградата, но ако се споредат набавките и издвоеното од буџетот, станува збор за 5 милиони евра. Па прашувам Миле каде ти се 4 милиони евра каде во чии џебови завршија тие?“

Од Министерството велат дека  пратеникот Макрадули повторно, како и вчера зад собраниската говорница се обидува да ја замајува јавноста со целосно лажни и произволни наводи.

„Плаќањето за проектот за реконструкција и надградба на управната зграда на Министерството за транспорт и врски е предвидено да биде сукцесивно, врз основа на доставени времени ситуации, во повеќе буџетски години, при што за 2013 година беа предвидени 104.000.000 денари, во 2014 година се планирани 177.100.000 денари, а во 2015 – 105.300.000 денари“, стои во реакцијата на ресорното министерство, од каде велат дека согласно динамиката за изведување на работите, до сега се исплатени 5 времени ситуации доставени од страна на изведувачот, чија што вредност изнесува 11.414.832 денари, односно 185.005 евра, кои се искористени од средствата предвидени за оваа година.

Средствата што остануваат неискористени се префрлаат во буџетот за следната година. Имено, со буџет се утврдуваат планираните средства, а по истекот на буџетската година се составува завршна сметка со која се презентира степенот на реализација на тие средства, односно колку средства биле искористени.

Оттука, реагираат од таму, може да се констатира дека или пратеникот Макрадули има сериозни непознавања на буџетското работење или се обидува да манипулира со јавноста свесно изнесувајќи невистини.

„Ја користиме оваа прилика да го поканиме во било кое време да изврши увид во документацијата за реализацијата и исплатата на овој проект“, потенцираат од таму.

Во својата реакција од Министерстовото велат дека не знаат  до кога Макрадули ќе го продолжува започнатиот „серијал“ на говори и дали е воден од максимата дека 100 пати повторена лага станува вистина и се уште чекаа  одговор на прашањата зошто ниту една влада на СДСМ во минатото не повела сметка з одржувањето на административниот простор на министерството и зошто се обидуваат да дисквалификуваат еден ваков проект, дали можеби имаат против да бидат подобрени на условите за работа на администрацијата и создавање на европски услови во кои граѓаните ќе можат да ги остваруваат своите права?

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.